Вести
Без разлика на политичката припадност нашата заедничка цел треба да биде членството во ЕУ, порача Трајков
Евроинтеграциите за нас значат прогрес, подобар живот, европски вредности. Затоа секојдневно зборуваме, без разлика од кој политички ентитет доаѓаме, на крајот на денот сите имаме една заедничка цел – втората стратешка определба на оваа држава треба да биде членството во Европската Унија, на кое заеднички треба да работиме, порача денеска заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков на денешниот настан организиран од Меѓупартиска парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и Реформската агенда од Планот за раст на тема „Реформската агенда и Берлинскиот процес низ призмата на европската интеграција: Улогата на Парламентот во спроведувањето на регионалните приоритети“.
Трајков во воведното обраќање посочи дека токму Берлинскиот процес и Реформската агенда се мостовите за заедништво и сплотеност на земјите од регионот, кои ќе ни помогнат да станеме подобри, поконкурентни и многу посилни како држави.
-Но силата доаѓа од заедништвото, бидејќи само со заеднички напори можеме да одиме напред кон подобри денови за оваа држава, рече Трајков.
Таа посочи дека за Владата еден од врвните приоритети е доследната примена на обврските кои произлегуваат од Берлинскиот процес и Реформската агенда, „кон чија имплементација сме се обврзале – не само како обврска, туку и како потреба за сите нас“.
-Тоа е шанса за наше регионално економско, социолошко и културно обединување, преку кое ќе ги согледаме нашите слабости и ќе ги претвораме во можности. Тоа е и шанса побрзо да се доближиме до ЕУ преку спроведување на европските стандарди и вредности. Сметам дека потенцијалите за создавање можности преку Берлинскиот процес и Реформската агенда се огромни, а улогата на парламентите во регионален, но и национален контекст е пресудна за успешна имплементација на зацртаните планови и приоритети. Листата на задачи кои ни се дадени е долга, но тоа не треба да нè обесхрабрува, туку да претставува голем предизвик за сите нас, нагласи Трајков.
Заменик-министерката посочи дека спроведувањето на акцискиот план за единствен регионален пазар од 2025-2028, како дел од планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, го стимулира слободниот проток на стоки, услуги, капитал и работна сила во регионот. Од друга страна, додаде таа, реформските процеси, како дел од Реформската агенда, меѓу кои добропознатите реформи на јавната администрација, управувањето со јавните финансии, енергетската и дигиталната транзиција, човечкиот капитал, деловното опкружување и владеењето на правото ќе ги подобрат состојбите и ќе ги зголемат нашите економски и демократски капацитети.
-Охрабрува тоа што дел од овие реформи се веќе спроведени, а дел останува да се спроведат во периодот кој следува. Некои ќе се согласат со мене, а некои не, но навистина сите институции упорно и со сите свои капацитети работат да ги извршиме сите обврски кои ги имаме преземено како дел од реформската агенда, рече таа.
Додаде дека во овој период се фокусирани на исполнување на 29 чекори до крајот на годинава во областите на јавен финансиски менаџмент, реформа на јавната администрација, енергетика, дигитална транзиција, развој на бизнис секторот и реформи во областа на владеење на правото.
-На крај, оваа влада работи за доброто на граѓаните, бизнисите и државата. Знаеме и можеме подобро, но само ако сме сите заедно. ЕУ нè поддржува во нашите напори да станеме подобри, поуспешни и поконкурентни. Затоа да ги искористиме можностите и да ги вложиме сите наши капацитети. Јас мислам дека можеме и мораме заедно, обединети и сплотени за нас, за нашите млади луѓе и за идните генерации да ја донесеме Европа дома, исполнувајќи ги сите чекори кои ги имаме зацртани во Реформската агенда, посочи Трајков.
Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС во своето воведно обраќање истакна дека од 2019 година, на самитот во Познан, Полска, се констатирало дека за да се зголеми чувството на сопственост на Берлинскиот процес за крајните корисници , а тоа се граѓаните на Западен Балкан, потребно е да се вклучат парламентите како нивни директни претставници.
-Оттука, иницијативата за парламентарната димензија на Берлинскиот процес започна, нормално со некое задоцнување, сепак подпомогната од германското Министерство за надворешни работи, а Институтот, што е една од нашите најголеми гордости, се вклучи во таа регионална иницијатива. Пред се тука е главната благодарност за визијата на парламентите и довербата на земјите од Западен Балкан, кои се вградија во целокупниот процес и на некој начин му дадоа алатка на Собранието да турка реформи и да им даде можност на граѓаните поблиску да ги разберат, да живеат со нив и исто така да ги поддржат реформите кои произлегуваат од Берлинскиот процес, рече Трошановски.
Во иницијативата, која започна во контекст на застој на европските интеграции во регионот и која имаше цел да ја зголеми енергетската соработка и инфраструктурното поврзување во регионот, недостигал силен домашен притисок а и самите парламенти биле заложници на некои билатерални спорови кои ги имаме во регионот, поради што не можеле да ги финализираат голем дел од мерките.
-Сепак, имаше голем прогрес во заедничкиот пазар пред сè, но и во другите области – дигитални и зелени трансформации коишто требаше да се случат. Потоа произлезе и Планот за раст, кој покрај тоа што Берлинскиот процес требаше регионално да нè поврзе и вмрежи со Планот за раст се предвидуваше да нè доближи до Европскиот единствен пазар, но и конкретно да поттикне реформи и инфраструктурни инвестиции коишто се во линија или се надополнуваат на ЕУ и овозможуваат на некој начин етапно влегување во некои аспекти на европската архитектура на земјите-членки, рече Трошановски и додаде дека последниот исчекор е направен со влезот на Македонија во СЕПА.
Нагласувајќи го значењето на Парламентот во целокупниот процес на евроинтеграциите, Трошановски рече дека Институтот над една деценија ги следи и перцепциите на јавноста за неговата работа.
-Последното теренско истражување покажа дека имаше зголемување во онаа сеопшта оценка за перцепцијата на работата на Собранието, мало подобрување после години стагнација или надолни трендови, што е позитивно и кажува нешто добро за проактивноста на парламентарците, но и работата на стручната служба секако во истото. Сепак, онаа перцепција дека Собранието е субординирано или подредено на извршната власт сè уште, за жал, опстојува во голем дел и најмногу има врска со надзорната функција која Собранието треба да ја врши, односно да ја држи Владата одговорна и ја поттикнува да испорачува во нешто што е наш заеднички државен интерес, рече тој.
Дел од преземените рокови и обврски во рамки на Реформската агенда, како што посочи Трошановски, за жал доцнат во многу фундаментални и круцијални сектори.
-Имавме најава од вицепремиерот Фетаи дека до крајот на годинава може да го очекуваме Кривичниот законик во одреден формат, што би било убава новогодишна честитка за сите граѓани, но исто така и значителен придонес во она што се нарекува „фундаменталс“ или реформската област што се однесува на борбата против корупцијата и владеењето на правото. Но и другите закони на коишто се чека, пред сè во делот на судството, каде има релативно голем застој, мораме и немаме изговори да не ги имплементираме. Имаме грејс периоди, од ЕК секако, меѓутоа не смееме да ги користиме пречесто и премногу, бидејќи тоа ја намалува нашата реформска кондиција како систем и како држава. И од тука, Институтот ќе остане посветен да ги сумира, резимира и дава на располагање своите анализи и наоди до вас, пратениците и пријателите на Берлинскиот процес за во иднина што поконструктивни и поинформирани сесии од ваков тип, но и во останатите парламентарни дејности да остане пријател на Собранието и на државата, рече Трошановски.
Претседателот на Меѓупартиска парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда, Антонијо Милошоски, нагласи дека во текот на денешната дискусија ќе се направи еден своевиден скрининг на она што досега е реализирано и на обврските, кои ни претстојат во иднина.
Милошоски посочи дека македонското Собрание и пратениците, особено оние кои се вклучени во ова група ќе обрнуваат поголемо внимание и ќе организираат повеќе вакви сесии, на кои ќе се разговара за Реформската агенда и Берлинскиот процес, како проект за посилна интегтрација во ЕУ.
Во рамки на седницата се одржваа две сесии: „Берлинскиот процес по Лондон 2025 – Следни чекори за парламентарната димензија на процесот“, во рамките на која беа презентираат главните резултати и приоритети од Самитот на Берлинскиот процес во Лондон и отворање на конструктивен дијалог меѓу Парламентот и владата за спроведување на преземените регионални и европски обврски и „Реформскиот пат кон ЕУ: Институции, имплементација и препораки“, на која се дискутира за степенот на имплементација на чекорите и реформите од Реформската агенда како дел од Планот за раст.
декември 2, 2025

