Економија
Мицкоски: Нема простор за загриженост за Алта банка, СДСМ се радува на црните сценарија по принципот на ТАТ од нивно време
Народната банка и Владата имаат свои инструменти и со нивна помош целосно ја контролираме состојбата со Алта банка. Апсолутно, нема простор за загриженост. Целта е да се спаси банката бидејќи станува збор за здрава финансиска институција – истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
По пуштањето во употреба на третата фаза од системот за наводнување „Страиште“ во општина Валандово, прашан за коментар за обвинувањето на СДСМ дека ниеден од понудените два модели за Алта банка нема да вродат со плод, тој повтори дека Владата и СДСМ немаат иста амбиција. Според него, опозициската партија се радува на црните сценарија, а власта се обидува да најде решение, односно купувач на банката, бидејќи смета дека навистина е во одлична состојба.
– Тие се радуваат граѓаните да не бидат обесштетени по принципот на ТАТ од времето на СДСМ, по принципот на Еуростандард банка од времето на СДСМ. Јас кажав и стојам на тоа дека до последниот цент секој доверител, секој штедач, ќе биде обесштетен бидејќи повеќето од штедните влогови се осигурени во Фондот за осигурување штедни влогови, а активата на банката е многу поголема од побарувањата. Но ние се трудиме да не дојде до тоа, односно до ова црно сценарио за кое СДСМ се моли секој ден, односно да најдеме купувач. Следните неколку дена, заедно со гувернерот и министерката за финансии, ќе имаме средби со повеќе финансиски институции, кои би можеле да бидат потенцијални купувачи на банката – посочи Мицкоски.
Премиерот посочи дека „опозицијата преку увезената криза од Србија смета оти ќе се факторизира и од политички целосно небитна структура на тој начин ќе привлече политичко внимание“.
– И затоа тие се обидуваат преку невистина, преку конструкција, преку црни сценарија да ги наведат граѓаните, но тоа е сосема спротивно од она што е вистината. И затоа ги замолувам граѓаните да не веруваат на овие невистини, како што многупати се случувало во минатото – од тоа дека ќе носиме мигранти, дека веќе сме банкротирани како држава, дека не знам што ли уште не се случувало… Ништо од тоа не се случи, така и овој пат да бидат спокојни – додаде Мицкоски.
Претседателот на Владата уште еднаш повтори дека станува збор за увезен проблем од нашиот северен сосед, од каде што последната информација е дека менувачниците ограничиле менување евра до 300-400.
– Значи, не може повеќе да се врши конверзија на тамошната валута динари во евра. И тоа претставува сериозен индикатор за стабилноста на тамошниот банкарски систем. Се надевам дека најцрното сценарио ќе биде избегнато затоа што Србија е значаен трговски партнер за Македонија. Голем број наши компании соработуваат со српски компании и многумина од сопствениците на тие компании ми се јавуваат и ме прашуваат што понатаму бидејќи нивните партнери од Србија имаат блокирани сметки и средства во Алта банка. Некои од нив дури и го затвориле својот бизнис, односно банкротирале, со што практично нашите компании сега имаат проблем – рече Мицкоски.
Тој изрази надеж дека многу бргу ќе биде формирана владата во Србија и оти таа влада ќе води проевропска реформска политика, „нешто што нам ни е важно“.
ноември 6, 2026

