Свет
Поради високите цени на горивата, Холандија ќе има 400 милиони евра помалку во буџетот од акцизи
Високите цени на горивата на бензинските станици во Холандија доведоа до значително намалување на количеството гориво што го точат граѓаните, поради што се очекува приходите во државната каса од акцизите на бензинот годинава да бидат за речиси 400 милиони евра пониски од првично предвидените, објави „Ер Те Ел Њуз“, повикувајќи се на неодамна објавените буџетски документи.
Холандската влада прогнозира дека акцизата на лесните нафтени деривати, односно главно на бензинот, годинава ќе донесе 4,5 милијарди евра, наспроти очекуваните 4,9 милијарди евра од пред шест месеци.
Во споредба со претходниот буџет, разликата не е толку голема, но првично се предвидуваше акцизата на бензинот воопшто да не се зголемува годинава. Сепак, подоцна беше одлучено акцизната стапка да се зголеми за повеќе од пет центи по литар. И покрај зголемувањето, приходите сепак ќе бидат помали, што значи дека граѓаните точат значително помалку гориво, заклучува Министерството за финансии.
Според податоците на Министерството, во првиот квартал количеството наточен бензин било за 4,1 процент помало. Во вториот квартал, кога цените останале трајно високи, потрошувачката дури се намалила за 6,6 проценти во споредба со истиот период минатата година.
„Иако акцизите на горивата на крајот беа утврдени на повисоко ниво од предвиденото во буџетскиот извештај за 2026 година, ова зголемување е компензирано со помалиот обем на наточено гориво како резултат на високите цени на горивата“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.
септември 21, 2026
