Connect with us

Вести

Жртвата на Узунов резултат на уште едно предавство: „Јас загинувам, делото да остане“, порачал тој пред смртта

„Јас загинувам, делото да остане“ порачал пред смртта во битката кај Цер на 24 април 1905 година Христо Узунов, македонски револуционер, учител, војвода и реонски началник на четите на Македонската револуционерна организација во Охридскиот револуционерен округ. Кога по 12-13-часовната борба тој и неговите верни соборци сфатиле дека, најверојатно, се предадени и не добиваат помош, се самоубиле за да не паднат во рацете на турскиот аскер. Неговата жртва, резултат на уште едно предавство, останува да се прераскажува со генерации, а била повод Турците да им оддадат почит со стрелба со почесни плотуни, соодветен погреб и со пораката „вака умираат хероите“.

Како посебна чест за хероите било наредено над нивната гробница секогаш да стои турското знаме во знак на неизмерна почит на сите кон хероите, на кои и „државата на светиот падишах“ им се поклонува. Неговиот и чинот на неговите соборци симболично го опишува италијанскиот офицер Еторе Лоди, кој ги видел труповите на младите јунаци, сите со отворени рани во градите и челата. Тоа, запишал тој, е она што не може да го заборави никогаш.

– Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедлива! – вели Лоди. 

Битката кај Цер завршила кај 5-6 часот попладне. 24 април 1905 година е. Настанало затишје. Од запалената куќа немало никакво движење. Аскерот се наоѓал на старите позиции. Во зградата сè било тивко. Само шумот на пламенот ја нарушувал тишината. Трагите од 12-13-часовната борба биле насекаде видливи. Во тој момент кајмакамот им наредил на парламентаторите да се приближат кон зградата. Тие заминале и се вратиле исплашени од глетката. По нив, кајмакамот се доближил до зградата. Војниците ја скршиле портата и влегле внатре. Пред нив биле спрострени единаесет трупа, погодени во челата или во градите. Уште биле пресни трагите на саможртвата. Кајмакамот наредил да се извадат труповите надвор од запалената зграда. Ги наредиле онака како што биле внатре. Тогаш тој заповедал поздрав за почест и стрелба со почесни плотуни и притоа одржал говор.

– Војници, дали ги гледате, така умираат хероите! Ние ги сметавме за разбојници, а излезе дека се тие револуционери. Не, тие не се разбојници. Ние им оддаваме чест зашто тие со својата смрт докажуваат дека се борат за правда и дека се маченици за слобода… Вистински херои се овие луѓе – рекол во говорот.

Потоа наредил да се погребаат заедно со другите двајца загинати при првиот пробив. Ги погребале во единствена гробница, во дворот на црквата „Св. Атанас“. Во заедничката гробница биле наредени во два реда. Узунов бил во средината. Како посебна чест за хероите кајмакамот наредил над нивната гробница секогаш да стои турското знаме во знак на неизмерна почит на сите кон хероите, на кои и државата на светиот падишах им се поклонува. Се раскажува дека знамето стоело сè до 1912 година.

Одлуката да се самоубијат и да не паднат во рацете на непријателот била донесена кога сфатиле дека се опколени, нема да добијат помош и оти се предадени, што се гледа и од претсмртното писмо на Узунов.

– Браќа, допуштам да сме предадени, но верувам и дека е тоа случајно. Ваљов излезе и беше убиен уште во 10 и три четврти наутро, а исто така и четникот Јонче од Дворци (Кичевско), кој беше со Пецо. Мојата архива е распрсната низ целото село. Им ја доверив на три жени, кои не ги познавам. Ваљов исто така ја остави архивата кај една жена, но не ја знам. Побарајте ја, ќе ја најдете. Причината зошто не ризикувавме да удриме утринава беше во тоа што од 7-8страни ни отворија оган, па мислејќи дека се мнозина, решивме да се бориме, макар и против поголеми сили, кои ги очекувавме да дојдат. Уверен дека не ќе бидеме спасени, последен пат ви испраќам братски поздрави на сите другари и пријатели. Спроти карпата каде што сме сега, го оставив во една дупка на ѕидот моето ќесе со четири и пол наполеони, една лира и 40-ина гроша. Тоа се охридски пари. Мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон делото сите оние што му служат зашто само искреноста и чистољубието ја издигнале Внатрешната организација и пак тие ќе ја спасат од анормалноста во која е поставена од недобросовесни наши другари – пишува Узунов во писмото.

Иако тој остава можност да не станува збор за тоа дека се предадени, сепак, кога детално ќе се реконструираат последните денови на движењето на Узунов, станува јасно дека неговата смрт е дело на предавство бидејќи се следеле и неговото и движењето на неговата чета и оти на непријателот информации му давал османски доушник, кој со најголема сигурност му соопштил дека минале низ Арилово, а приквечер оттаму за Цер.

За подвигот на Узунов и на неговата чета веднаш се разбрало во околните села, така што бргу разбрале и стационираните чети. Така, кај четата на Т. Арсов дошло и началството од Цер и ѝ ја предало архивата на Узунов, потоа неговата мушама, две-три четнички шинели и една куртка.

Гласот за херојската драма во Цер веднаш се раширил во Македонија. Била известена и Анастасија, мајката на Христо Узунов. Таа веста ја поднела на нозе. Првото признание за херојското дело на син ѝ и го оддала Охридската револуционерна организација, со специјално писмо во кое се изразува најдлабока, признателна и срдечна почит по повод смртта на син ѝ, чија загуба била голема за целото револуционерно дело.

– При сета тага, во која сме попаднале сите, имаме надеж дека неговата јуначки пролеана благородна крв ќе го забрза постигањето на ветената цел – ослободувањето од тешкото ропство. Таа надеж нè води во случајот да се утешиме и со поголема сигурност да погледаме во иднината на нашата многустрадална татковина. Оваа утеха станува уште посилна од гледиштето дека досегашната беспримерна дејност на покојниот му спечали видно место во историјата на нашата борба за извојување самостојни политички живот – пишува во писмото. 

Херојската драма во Цер и саможртвениот подвиг на Христо Узунов кај нашиот народ преминале во легенда. Подвигот на Христо Узунов бил почитуван насекаде. Најмногу во Охридско и Битолско. Насекаде се парафразирал неговиот повик: „Јас загинувам, делото да остане.“

За драмата во Цер пишувал и странскиот печат. Од посебен интерес се пишувањата во францускиот, италијанскиот и во југословенскиот печат. Меѓу англиските весници први соопштенија донесол лондонски „Тајмс“. Поопширен осврт овој весник објавил на 12 јуни 1905 година со наслов: „Крајот на една македонска чета“ (The End of a Macedonian band). Во оваа статија е објавено искажувањето на еден англиски патник, што во ова време бил во Крушево и таму добил известие за подвигот на Узунов, кое многу го заинтересирало и затоа прибрал податоци. Тој наведува сведоштва за четата на Узунов и за борбата во Цер. Се споменува и претсмртното писмо на Узунов, кое, како што вели овој странец, Узунов го напишал до комитетот во Крушево. Во тие редови се прераскажуваат Узуновото претсмртно писмо и извадоци од него.

Со тоа на странската јавност ѝ била дадена можност порелевантно да се запознае со неговиот подвиг за кој пишувал и југословенскиот печат. На овој настан најмногу се задржале белградските весници.

За правилното известување на јавноста за подвигот на Христо Узунов голема улога одиграл македонскиот печат. Со својата веродостојност особено се издвојува „Револуционерен лист“, официјален орган на Внатрешната организација. Овој весник веднаш на 1 мај (стар стил) 1905 година соопштил за неговата херојска смрт, го оцртал неговиот лик и го означил местото што му припаѓа во историјата на македонското ослободително дело. Овде за првите е објавено и неговото претсмрртно писмо. Сето тоа сведочи колкава почит предизвикал подвигот на Христо Узунов бидејќи тој претставувал редок пример во историјата на македонското ослободително дело.

Голема улога за популаризацијата на подвигот на Христо Узунов кај странската јавност одиграл порано споменатиот италијански офицер Еторе Лоди. Тој веднаш по настанот заминал за Цер и до најситни детали ги испитал борбата и загинувањето на Узунов. Лоди како очевидец и како човек, кој поблиску се интересирал за македонското ослободително движење, во 1904 година, по востанието, со неколку италијански офицери бил пратен на служба во Македонија. 

– На другиот ден по бојот, ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам. Труповите на единаесет млади јунаци, сите со отворени рани во градите и челата. Се самоубија за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв. Ете го она што не можам да го заборавам никогаш. Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедлива!“, пишува тој. 

Ерудитивното и суверено сведоштво на Еторе Лоди придонесува за уште понагласено акцентирање на значењето на големото дело на Христо Узунов. Освен тоа, тоа ја потврдува и афирмацијата на македонската борба за слобода.

А денеска, кога во нашата слободна татковина, со уште поголема почит се чува споменот за неговото храбро дело и со особен пиетет се води грижа за неговиот гроб во Цер, за неговата спомен-куќа во Охрид, ние можеме уште појасно да го согладаме неговиот голем придонес кон македонското ослободително дело, да ја определиме поавтентично и неговата величина како еден од гранитите на македонската слобода, што ќе им служи за пример на македонските генерации.

Драмата во Цер претставува логичен крај во биографијата на Христо Узунов. Неговиот животен пат целосно бил посветен на македонската револуција. Тој бил револуционер со посебни квалитети. Се издигнал сред масите како доблестен народен борец, кој во името на делото го жртвувал својот живот. Живеел во едно револуционерно време кога Македонија го барала патот на своето ослободување и остварување на вековните желби за обезбедување место под сонцето. 

Во ослободителната борба Христо Узунов бил еден од нејзините истакнати протагонисти, кој се посветил на револуционерното дело во Охридско за да премине по востанието во Битолско и да се вклучи во решавањето на проблемите од еден поширок радиус. Насекаде на револуционерното поприште тој ги пројавил своите вонредно големи организаторски способности. Смело и настојливо го држел знамето на Гоцевата ВМРО и бескомпромисно ги заштитувал самостојноста и самобитноста на Внатрешната организација, односно на целокупното македонско ослободително дело.

Својата несебична доследност кон македонската револуција ја покажал и низ херојската драма во Цер. Со последниот чин, со саможртвата, уште повеќе го исплел ореолот на херојството. Неговата доследност кон македонското револуционерно дело, неговите изразити својства на народен борец и трибун, придонеле многу за натамошно трасирање на патиштата на македонската борба.

Христо Узунов е роден на 22 октомври 1878 година во Охрид. Куќата во која се родил и ги поминал своите детски и младински денови се наоѓа кај таканаречените Темници, во градскиот дел наречен Сараиште. 

Христо Димитров Узунов е познат и како Арсениј, Арсо, Дуле, Маглата, Ристо, Самуил или Дуле Узунов, македонски револуционер, учител, војвода и реонски началник на четите на Македонската револуционерна организација во Охридскиот револуционерен округ. Се школувал во Солун и учествувал во солунските училишни бунтови (1896). Лежел во битолскиот Централен затвор „Катилане“ (1898 и 1902 – 1903).

Од 1903 година бил поставен за главен војвода на охридските револуционерни чети. Учествувал на Смилевскиот конгрес. Во Илинденското востание бил член на Горското началство (Штабот) за Охридскиот револуционерен реон. Учествувал во спасувањето при збегот од Рашанец на речиси 200 семејства. На Прилепскиот конгрес бил избран за секретар и за окружен ревизор на четите на МРО за Охридско, Струшко и Кичевско. Загинал со четата опколен од турска војска.

Славица СТЕФАНОВСКА

Маркетинг
Ad 4
Ad 2