Connect with us

Вести

30-дневен притвор за поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини

Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на надлежното обвинителство, донесе решение со кое на поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Мерката притвор, како што информираат од Основниот кривичен суд, е определена поради основано сомневање дека лицето сторило кривично дело проневера во службата. Воедно, судот оцени дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и можност за влијание врз сведоци и докази во текот на постапката.

Сејдини, кој беше на чело на ФФМ во два мандати, од 2019 до 2025 година, беше уапсен вчера од полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и од Одделот за криминалистичка полиција во координација со ОЈО Скопје.

Од Обвинителство информираа дека осомничениот, во периодот од ноември – декември 2024 година, како службено лице, претседател на ФФМ, прибавил противправна имотна корист од речиси 660 илјади евра за правно лице од Скопје, односно износ што надминува значителна имотна корист.

– Сомненијата укажуваат дека делото е извршено така што ФФМ како членка на УЕФА во текот на 2024 година добила строго наменски парични средства за ревитализација на спортски терени и инфраскруктура. Со финансиската поддршка од УЕФА во рамките на програмата HatTrick VI осомничениот почнал постапка за спроведување на проектот – изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид и дал предлог за почнување постапка за избор на компанија за реализација на проектот. По одобрување од Управниот одбор, осомничениот поднел барање до три фирми за понуди за изградба на трибината на стадионот. Била избрана најповолна понуда за изградба во вкупен износ од речиси 3,3 милиони евра без ДДВ. Иако изведувачот тоа не го побарал, ниту во барањата за доставување понуди било наведено како можност, осомничениот, спротивно на одлуката на Управниот одбор, вметнал дополнителен услов во склучениот договор со избраната фирма, со кој предвидел авансна уплата во износ од 20 % од вкупната вредност на договорот пред почнување на градежните работи и без какво било претходно постапување од изведувачот. Притоа не предвидел никакво правно обезбедување за уплатените средства на име аванс – се вели во соопштението од Обвинителство.

Тој го потпишал таквиот договор и на 17.12.2024 година, паричните средства во износ од речиси 660 илјади евра, кои му биле доверени во службата, со негов налог до службите за исплата авансно ги префрлил на правното лице.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3