Connect with us

Вести

Шатев, гемиџијата: Секој револуционер може да успее само при еден и единствен услов – ако секогаш и насекаде е подготвен да умре, без да се плаши од смртта

„Прекршуваме еден завет на великите македонски покојници во Солун и Сахара. Тие се беа заколнале да не оставаат свои портрети затоа што сакаа да бидат служители на идејата, но не и на славата. Таму, во урнатините на македонската престолнина Солун, гемиџиите сакаа да ги збришат и своето месо и своите имиња оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежи за светли дни. Но, историјата не памети завети… Од моментот кога Орце го запали фитиљот, кој требаше во лицето на Отоманската банка да го фрли во воздух европскиот капитал, што ги красеше градите на деспотот Абдул Хамид (султанот, н.з.) – од тој миг имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската посветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да по 20 години, станат првите светци на македонската револуција… Не само зашто македонскиот идеал, во лицето на солунските атентатори, беше стигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата, но и зашто на 28 април 1903 година во македонската столица Солун се судрија, од една страна, системот на рускиот анархизам, зачнат на македонска почва, и револуционерната бавна подготовка на народните маси, од друга“.

На 20-годишнината од солунските атентати Павел Шатев напишал осврт на подвигот на своите другари и соборци – гемиџиите. Написот е објавен во весникот „Илинден“ на 29 април 1923 година. Гемиџијата натаму теоретизира:

„Првата група е олицетворена во солунските атентати, а втората – во Илинденското востание. И тешко ќе му биде на историчариот да определи кое од двете собитија било позначајно, кој од тие два системи бил повеличествен – дали примерот на личната бестрашност или пак, систематската подготовка на масите за револуција“.

Голем дел од групата Гемиџии произлегле од анархистичкиот Македонски таен револуционерен комитет (МТРК) на самиот залез на XIX век. Така, македонската историја со златни букви ги врежа безвременските имиња на XX век: Павел Шатев, Јордан Поп Јорданов-Орцето, Димитар Мечев-Мечето, Владимир Пингов, Бугаринот Слави (Светослав) Мерџанов, Петар Соколов, Петар Манџуков, Марко Бошнаков, Милан Арсов… На овој или оној начин, сите тие и многу други зеле учество во епопејата на солунските атентати.

Акциjaтa на македонските бомбаши предизвикала паника и хаос во градот Солун по што следувала жестока реакција од отоманските власти и албанските платеници, според историчарот Ванчо Ѓорѓиев. Повеќето од анархистите биле убиени или фатени и затворени, но сепак настанот останал запаметен како значаен дел од историјата на македонското национално-револуционерно движење.

Солунските атентати претставуваат низа напади, планирани и изведени од страна на македонската револуционерно-анархистичка група Гемиџии кон крајот на април и почетокот на мај 1903 година. Главната цел на нападите било да се привлече вниманието на европската јавност кон македонското прашање во Отоманска Турција. Цели на нападите, меѓу другото, биле потпалувањето на францускиот брод „Гвадалкивир“ (извршено од Шатев и без ниедна цивилна жртва), Отоманската банка, која била уништена, резервоарот за осветление на Солун (кој Отоманците успешно го одбраниле од Илија Тричков) и неколку други стратешки објекти во метрополата.

Средствата и начинот за постигнување на така зацртаната цел се опишани во едно писмо од Манџуков до Константин Кирков од 18 јули 1898. Во него, меѓу другото, пишува: „Нашиот несреќен македонски народ е изложен на безброј несреќи и понижувања од Османлиите… Далеку позагрижувачко е и поведението на Европа, која за сметка на своите сомнителни интереси го заборава својот долг кон овој мал народ во срцето на светот. Ми се чини дека наша должност во овој миг е борбата да ни биде свртена кон таа Европа, која одлучува за судбината на нашиот народ, а потоа борбата кон Турците ќе биде уште беспоштедна. Чинам дека треба да сториме сè, да ја здоболи Европа, удирајќи ја по нејзините најсензитивни точки, за да се освести и другите поробени луѓе имаат право на живот и слобода“.

Тодор Органџиев – еден од групата Гемиџии, во своите „Спомени“ во ракопис раскажува како сѐ почнало: Уште во јануари 1900, со Гоце Делчев и Трајчо Христов во Софија решиле да ја кренат Отоманската банка во воздух; Борис Сарафов ветил пари; планот почнал да се кова…

„Парите во Солун беа ограничени. Орце и Владо изнајмуваат берберница (Владимир Пингов ја имал улогата на бербер, н.з.), при што Орце одржува врска и со Софија. Шатев немал каде да оди. Побарал врска со Дико Коштанов, Македонец кој важеше за терорист – краен елемент. Сите одат во берберницата на Владо Пингов… Шатев и Коштанов почнуваат да го копаат каналот. Дуќанот е спроти банката. На 40-ина см се појави еден римски ѕид. Сè се работи со длето, а без чекан, и сè се случува во текот на летото. Каналот беше висок 70-ина см и широк 50 см. Јас ископав околу 3/4 од каналот“, пишува Органџиев.

Фитиљот до експлозивот кај банката на 29 април 1903 го запалил Јордан Поп Јорданов-Орце.

Во сè тоа Органџиев раскажува дека огромна улога имал и Илија Тричков-Иљо. Во настаните во Солун, Тричков фрлил бомба во австриската пошта, а потоа, во престрелката со отоманската полиција, откако фрлиле 40-60 бомби накај полицајците, утрото на 30 април се саможртвувале заедно со Мечев. Слично како и Орце, кој истиот ден погинал во својот стан.

– Истиот ден Цветко Трајков (на 40-50-годишна возраст) се обидел да го убие солунскиот валија Хасан Фехми-паша. Тој бил спречен од телохранителите на валијата да се доближи до неговиот пајтон. Тогаш Цветко се оддалечил малку, извадил една бомба, ја активирал и седнал врз неа. Таа го разнела пред очите на валијата – пренесува Ѓорѓиев.

На тој начин, инаку – со главен и уште еден, помошен тунел, македонските националреволуционерни борци стигнале од изнајмениот дуќан до зацртаната отоманска цел за уништување со експлозив – Отоманската банка.  Според Органџиев, Делчев помогнал во тоа со 5.000 лева (250 тогашни франци), а Сарафов дал 500 франци, а потоа обезбедил и поголема количина динамит и друг експлозив.

Солун пред повеќе од еден век


Според Ванчо Ѓорѓиев, Борис Сарафов всушност обезбедил вкупно 10.000 франци за овој потфат (10.000 франци, по инфлацијата, денес вредат 45.000 долари, а според вредноста на златото дури 435.000 долари).

Кога почнале нападите во Солун, бидејќи не бил предвиден како дел од извршителите, Органџиев се нашол во родниот Велес, па во Скопје. Следните денови, од чичко си Лазар во Скопје, Тодор дознал дека во Велес „никој ни влегува ни излегува“ – градот де факто бил под своевиден полициски час. Тоа било само една причина за тој да прејде во илегала, т.е. во комитската дејност со околните чети, пред да замине на неколкугодишен престој во Германија.

Тука гемиџијата ги пренесува зборовите на верба, кураж и храброст од својот чичко: „Тодоре, станало што станало. Нема враќање назад. Само кураж и тврдост. Само со цврстина и вера може да има спасение. Напред! Да не се расколебаш!“ 

Павел Шатев смета дека солунските атентати се еднакво значајни и еднакво величествени како и Илинденското востание.

„И ако последново им донесе одредена самосвест на македонските маси, која веќе ја твори песната на македонската епопеја, првото е оној стимул што го создава македонскиот идол на револуцијата, на кого веќе му се восхитуваат вековите… Така, солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам што ја крои судбината, но и цврстината на наредните поколенија. Тоа блеснува со неугасливиот оган на Македонија; набиено во месото на Мечето, тоа го надмина и го носи својот одек во духот на поколенијата“, појаснува Шатев.

– Според Манџуков, „македонскиот народ не може да се ослободи со едно востание… Ние сакаме да ги жртвуваме сопствените, а не народни животи. Ние сакаме повремено да предизвикуваме судири… И преку нашата крв да го свртиме вниманието и симпатиите на „човекољубивата“ Европа зашто македонското прашање ќе може да се реши само ако ние водечките Македонци постојано предизвикуваме нереди“, цитира Ванчо Ѓорѓиев.

„По 500-годишни понижувања и скрб, на 28, 29 и 30 април 1903 г., кога Орцето ја палеше банката… Тоа беше делото на 12-те, кое денес, по 20 години, нè тера восхитено да се обѕрнеме назад. Не звучи ли таа смелост на подвигот, таа моќност на индивидуалитетот, како легенда, која е неверојатна, но примамлива, волшебна“, нагласува Шатев во освртот.

– Последниот обид го пројавил Константин Кирков-Коста. Проблематичен е датумот на неговата акција. Изгледа тоа било на 3 мај 1903. Тој се обидел да влезе во телеграфската станица под изговор дека ќе испраќа телеграма. Притоа стражарот го запрел и побарал да го претресе. Во тој момент Кирков се обидел да активира бомба, но стражарот бил побрз и го пробол – раскажува Ѓорѓиев.

Меѓународниот печат:
„Македонските бомбаши го нападнаа главното турско пристаниште”

Животот, според Шатев, е борба што има смисла единствено кога непрекинато се развива и увеличува; целта на животот, а следствено и смислата на борбата, не е ниту во среќата ниту во успехот, а ни во богатството или славата.

„Не, животот на човекот е како едно дејство, кое непрекинато се развива и притоа произведува нови дејства, коиш сè повеќе и повеќе растат и се развиваат. Среќата и успехот во животот повеќе се второстепени појави. Секоја човечка дејност има смисла и цел, кога произведува друго, посилно и поактивно дело. Прагматизмот во животот на човекот се разликува од утилитаризмот по тоа што принципот за ползата се заменува со непрекинатото дејствување на поединецот. Непрекинатото дејствување на човекот во животот е единственото средство што го обезбедуваат и гарантираат постепениот развој на поединецот и општеството. Кога сме во непрекината дејност, акција или труд, резултатите, потврдувачки или одрекувачки, секогаш може да ни дадат поука и напатствија како поправилно да се стремиме кон постигањето на нашиот идеал во животот“, истакнува Шатев.

Според сè, човек секогаш и во секоја ситуација може да се поучи од сè во животот – доволно е само да посака и да е заинтересиран.

„Секој национален деец, каков и да е, при какви услови и да е поставен – ако општиот интерес секаде и секогаш го поставува над личниот и се воодушевува од идеалот, секаде и секогаш со сè во животот може да е полезен за својот народ. Секој револуционер-заговорник, и покрај сите незгоди, случајности, непријатности, пречки, може да успее само при еден и единствен услов – ако секогаш и насекаде, по каков и да било повод, случај или собитие, е подготвен да стави крај на својот живот, да умре без да се плаши од смртта, којашто не се знае кога и како ќе дојде“, заклучува Шатев.

Не се револверите, пушките, бомбите или огнените машини, тие кои даваат сила во борбата, туку напротив – само идејните побуди, личниот пример, решителноста, смелоста и бестрашноста на револуционерот се оние што на крајот секоја замисла и секоја борба ја венчава со успех – било тоа по планини и полиња, било по села и градови. Тоа, според последниот гемиџија, може да се постигне само кога се има полна свест дека општото добро треба да биде пред сè и над сè наш раководител при нашето беспоштедно служење на татковината.

Слободан ИВАНОВ

Маркетинг
Ad 2
Ad 2