Connect with us

Свет

„Алијанц трејд“ проценува дека во Германија годинава би можеле да бидат затворени 200 илјади работни места

Повеќе од двеста илјади работни места во Германија се изложени на ризик оваа година поради очекувањата за зголемен број корпоративни стечаи, што би можеле да достигнат највисоко ниво во последните 14 години – покажува анализата на кредитната осигурителна компанија „Алијанц трејд“.

Процената објавена во извештајот за глобалните трендови на стечаи се базира на статистички модели и тековни економски податоци. „Алијанц трејд“, која е дел од Групацијата Алијанц, предупредува дека ризиците за стечајни постапки остануваат високи поради актуелните геополитички и економски притисоци.

Според „Алијанц“, бројот на стечаи во Германија годинава ќе порасне за 2,4 проценти и ќе достигне приближно 24.650 случаи, што би било највисоко ниво од пред повеќе од една деценија.

Податоците на германската Сојузна канцеларија за статистика покажуваат дека веќе минатата година бил забележан значителен раст – 24.064 стечаи, односно зголемување од 10,3 проценти на годишно ниво.

Главни причини за таквиот тренд се намалената економска активност, високите трошоци и надворешните шокови.

„Веќе сега јасно се гледа негативното влијание на блискоисточниот конфликт врз Германија, а трговската војна со САД е далеку од завршена“, изјави Мило Богартс, директорот на „Алијанц трејд“ за Германија, Австрија и Швајцарија.

Ревидираните прогнози на осигурителниот гигант „Алијанц“ укажуваат на нагорен тренд во бројот на стечајни постапки поради очекуваните негативни влијанија од блискоисточниот конфликт, што го зголемува притисокот врз енергетски интензивните сектори, како транспортот, хемиската и металуршката индустрија, изјави извршната директорка на компанијата, Ајлин Сомерсан Коки.

На глобално ниво се очекува уште поголем, шестпроцентен раст на стечаите, што укажува дека проблемот не е ограничен само на Германија, туку е дел од поширок економски тренд.

За в година „Алијанц трејд“ прогнозира пресврт на трендот во Германија и пад на бројот стечаи за два проценти на 24.150 случаи, последица на очекувањата за намалување на воените притисоци и најавените економските мерки.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1