Connect with us

Свет

ЕУ: Парламентарните избори во Русија се одржаа во поавторитарна политичка средина

Европска Унија оцени дека изборите за рускиот парламент, одржани од 18 до 20 септември, го покажаа „продолжувањето и продлабочувањето на колапсот на демократијата“ во земјата и оти се одржаа во сè поавторитарна политичка средина.

– Недостатокот на еднакви услови дополнително е влошен од нелегалната агресивна војна на Русија против Украина и континуираната нелегална окупација на украинските територии, се наведува во соопштението, во кое конкретно се посочува на ограничувањето на политичката конкуренција и притисокот врз опозициските сили.

ЕУ посочува дека одлуката за забрана на кандидатите од партијата Јаблоко да се кандидираат на федералната листа дополнително го ограничи изборот на руските гласачи.

Брисел исто така ја критикува Русија за нејзината одлука да не покани набљудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на изборите и со тоа ги лишило руските гласачи и институции од можноста да направат непристрасна и независна процена на изборниот процес.

Посебен дел од изјавата се однесува на гласањето организирано од Русија на териториите на Украина под нејзина окупација. ЕУ го осуди одржувањето на така наречените избори на Крим и во делови од регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, наведувајќи дека тоа претставува кршење на меѓународното право и суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Брисел повтори дека не го признава и нема да го признае одржувањето на овие избори, како и нивните резултати.

ЕУ, исто така, објави санкции против лица вклучени во организацијата на овие избори и кандидати на окупираните територии, како и против оние за кои вели дека се одговорни за поткопување на можноста за одржување слободни и фер избори во Русија.

Во соопштението ЕУ повторно побара од Москва да ги почитува меѓународно признатите граници на Украина и да ја заврши војната, да се согласи на целосно, итно и безусловно прекин на огнот и да ги повлече своите воени сили и опрема од целата украинска територија.