Connect with us

Култура

Една вечер, два гласа и завет: Ана и Игор Дурловски на 6 декември со свој најголем концерт досега во Македонија

Најголемиот концерт досега на едни од најголеми оперски гласови што Македонија му ги подари на светот – Ана и Игор Дурловски, ќе се одржи на 6 декември 2026 година во СЦ „Јане Сандански“.

Ана и Игор Дурловски, придружувани од 100 македонски музичари од големиот симфониски оркестар „Ајга“ и нивните пријатели, ќе приредат ексклузивна концертна вечер, во која ќе се спојат безвременските теми од филмската музика, ремек-делата од оперскиот репертоар и богатството на македонското музичко наследство – сите во комплетно нови аранжмани.

Според најавата, во текот на двочасовниот концерт Ана и Игор премиерно ќе презентираат дела преработени во соработка со аранжерот Сони Петровски, а со музичка поддршка на 100 музичари под диригентската палка на диригентката Ана Спасовска. Ќе пропатуваме заедно низ светот на филмот, од Shallow, Parla piu’ piano и The Book of Love, до оперската класика „Кармина Бурана“, за повторно да ве вратат дома до легендарниот Тоде Новачевски и темата од „Tрст виа Скопје“, па на крајот сите заедно да си спомнеме за „Дејгиди луди млади години“.

– Една вечер, два гласа и завет, кој овој брачен пар си го даде дека целото искуство собрано на светските сцени ќе се врати и ќе го претстави дома. Завет, дека македонскиот глас ќе се слушне насекаде во светот. Завет за концерт што доаѓа како круна на нивната 30-годишна работа и нивната љубов, еден кон друг и заедничката кон Македонија. За крајот на 2026 еден е изборот, завет – „од светот до изворот“. Настан што не се случува секој ден, светски спектакл со она што Македонија го има како најдобро, завет со македонски уметници на македонска почва – наведуваат организаторите.

Билетите се достапни во продажба преку „МК тикетс“ и нивната продажна мрежа.