Култура
„Падот на Масада“ на Драмски театар – Скопје на фестивалот „Стоби 2026“
Драмскиот театар – Скопје, утревечер, со почеток во 20 часот, ќе гостува на 23. Интернационален фестивал на античката драма „Стоби“ во Велес со претставата „Падот на Масада“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски.
Фестивалот „Стоби 2026“ се одржува од 15 до 24 септември и годинава во својата програма обединува театри од Македонија, Србија и од Италија. Драмскиот театар на фестивалот ќе се претстави со камерната претстава „Падот на Масада“, чија премиера се одржа на 28 декември 2023 година.
Во средиштето на драмата на Венко Андоновски е прашањето дали вреди човек да го даде сопствениот живот за една идеја, без оглед дали таа е поврзана со национална, патриотска, револуционерна или друга идеолошка чест. Преку необична колажна драматуршка структура, составена од шест слики од разни историски периоди, „Падот на Масада“ го следи менувањето на односот кон жртвата, смртта, идеологијата и поимот на херојството низ вековите.
Патувањето почнува во опколената тврдина Масада, со познатиот чин на колективна смрт пред навлегувањето на Римјаните, продолжува со македонските комити и изборот меѓу смртта и предавањето, а потоа се префрла во берлинскиот бункер во последните денови на нацистичкиот режим. Преку понатамошните сцени драмата се доближува до совремието, каде што возвишените историски идеи постепено се распаѓаат, се извртуваат и се претвораат во апсурд, насилство и баналност.
Со движењето од античкото до современото време, Андоновски го преиспитува не само митот за херојската смрт туку и начинот на кој историјата ги создава, ги менува и ги злоупотребува своите вистини. Претставата ја отвора дилемата што останува кога големите идеи ќе ја изгубат својата возвишеност, а човековиот живот ќе остане заробен меѓу идеологијата, стравот, желбата за опстанок и потребата да се остави трага во историјата.
Режијата на „Падот на Масада“ е на Дејан Пројковски, асистент на режисерот е Дамјан Димовски, сценографијата и костимографијата се на Валентин Светозарев, а музиката е на Горан Трајкоски. Во претставата играат: Александар Степанулески, Јелена Жугиќ, Рубенс Муратовски, Филип Трајковиќ и Емилија Мицевска. Инспициент е Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска. Претставата трае 100 минути, без пауза.
На годинешниот ИФАД „Стоби“, покрај „Падот на Масада“, во програмата се претставите „Бегалка“ на струмичкиот театар, „Претходно“ на театар од Сицилија, „Годо“ во копродукција на велешкиот, штипскиот и кумановскиот театар, „Лисистрата“ на театарот од Зрењанин и „Сите убави нешта“ на штипскиот театар. Во рамките на фестивалот ќе бидат доделени награди за најдобра претстава, режија, главна женска и главна машка улога.
септември 21, 2026
