Connect with us

Регион

„Медвоч“ нова дигитална алатка во Грција за надзор и контрола на приватните ординации и медицинските реклами

Нов механизам со помош на вештачката интелигенција со цел контрола и надзор на приватните ординации, како и на медицинските реклами, воведе Министерството за здравство на Грција со дигиталната платформа „Медвоч“ (Medwatch) што денеска беше презентирана, а доаѓа по трагичната смрт на популарниот пејач Јоргос Мазонакис, кој почина за време на медицински третман во ординација што работела без соодветна лиценца, јави дописничката на МИА од Атина.

„Медвоч“ пилотски се воведува, а е нова алатка што систематски го следи дигиталното присуство на приватните здравствени установи, користејќи јавно достапни извори, како што се веб-страниците, социјалните мрежи и дигитални реклами, а целта е да се откријат можни прекршувања што потоа се подложуваат на човечка проверка.

На прес-конференцијата беше истакнато дека конкретниот системот не носи автоматски одлуки и не ја заменува теренската контрола, туку служи како помошна алатка, насочувајќи ги механизмите за контрола кон случаите кај кои постојат одредени индикации.

Во текот на пилот-примената во Атика биле регистрирани 8.563 установи и биле анализирани 9.838 дигитални содржини, меѓу кои 8.055 платени реклами, при што биле идентификувани 5.069 потенцијални наоди во 655 установи, каде што ќе биде спроведена потребната физичка проверка.

Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис рече дека по смртта на Мазонакис ја воведуваат дигиталната алатка во „обид да ги идентификуваат пропустите што беа откриени со трагичниот случај“.

– Веќе пилотски ја применуваме во сите лиценцирани ординации што се регистрирани во дигиталниот регистар на Лекарската комора на Атина. Со помош на дигиталната технологија и вештачката интелигенција, ги откривме сите соопштенија на лекарите, објавите на нивните социјални мрежи, евентуалните споменувања на веб-страници на трети страни и ги споредивме овие објави со лиценцата што ја поседуваат, за да утврдиме дали постојат можни прекршувања. Контролата опфати и приватни ординации и лекари кои ги обезбедуваат своите услуги во други видови установи, како, на пример, салони за естетика, посочи Георгиадис.

Објасни дека платформата од денеска ќе ја има на располагање Лекарската комора на Атина, потоа ќе следува Лекарската комора на Пиреја, а наскоро ќе биде проширена низ цела Грција.

Дополнително, најави дека за околу еден месец ќе биде презентирана и втората дигитална алатка, односно апликација за мобилни телефони наменета за граѓаните и пациентите, кои ќе имаат можност сами да ја провери лиценцата на ординацијата, како и екоја медицинска процедура што се извршува, а доколку биде потребно, ќе можар и да поднесат пријава.

За смртта на 54-годишниот Мазонакис мерка притвор им беше одредена на двајцата лекари во чија ординација од срцев удар почина пејачот за време на медицинската процедура плазмафереза, медицински третман за кој двајцата осомничени немале соодветна дозвола.