Општини
Продолжуваат активностите за маркирање на планинарските патеки на Шар Планина
Здружение за Одржлив Развој САТ – Скопје, планинари од Тетово и вработени во Националниот парк од четвртокот, 17 септември продолжија со активностите за поставување и унапредување на планинарската маркација на Шар Планина.
Во август од Здружението информираа дека 45 од вкупно 112 новопоставени столбови за зимска маркација на релација Попова Шапка-Титов Врв се уништени, оштетени или отстранети. Таа маркација беше поставувана од ноември 2025 до јуни 2026 година.
„Во рамки на акцијата оваа работна недела беа поставувани патокази и столбови долж Вакафска патека, која претставува летна планинарска патека од Попова Шапка до Титов Врв. Поволните временски услови и обезбедената логистика овозможија паралелно да се собере и транспортира дел од старите прозорци од кулата на Титов Врв, како и дел од уништените столбови од зимската маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв“, соопшти Александар Богоевски од Здружението.
Активностите на терен ќе продолжат и во наредниот период, во зависност од временските услови, со цел подобрување на планинарската инфраструктура и безбедноста на посетителите на Шар Планина пред почетокот на зимата 2026-2027.
септември 20, 2026
