Connect with us

Скопје

Интензивни контроли на инспециските служби во Центар, шест градилишта казнети со по 1.300 евра

Инспекциските служби на Општина Центар ја засилија контролата на градилиштата на територијата на локалната самоуправа. Само во изминатата недела се посетени 10 активни градилишта, при што се утврдени сериозни пропусти во почитувањето на законските обврски, информираат од Општина Центар.

За време на теренските контроли, додаваат, извршени во доцните попладневни часови констатирани се нарушувања на комуналниот ред и непочитување на Законот за јавна чистота, пришто изречени се шест казни во висина од по 1.300 евра. Дополнително, на три локации се отстранети блокатори и столбчиња кои биле бесправно поставени на јавни површини.

-Инспекциските служби се на терен. Покрај редовните надзори, спроведуваме вонредни контроли со цел заштита на животната средина, спречување на загадувањето, одржување на јавната чистота и безбедни тротоари и улици. Нема да толерираме нарушување на јавниот простор- изјави градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Општина Центар апелира до сите инвеститори и градежни компании да ги почитуваат законските обврски и да преземат мерки за заштита на околината, особено при изведување градежни работи во зони со индивидуално домување.