Ракомет
РФМ заедно со федерациите на Србија и Словенија изразија интерес за ЕП 2034 во машка конкуренција
Единаесет национални федерации изразија свој интерес за организирање на Европско првенство на ЕХФ во машка и женска конкуренција за 2034 година. Рокот за пријавување заврши во средата, а Европската ракометна федерација денеска и официјално ги објави федерациите кои аплицираа.
Ракометната федерација на Македонија заедно со федерациите на Србија и Словенија ќе имаат заедничка кандидатура за шампионат во машка конкуренција, а меѓу државите кои се во конкуренција се: Австрија, Хрватска, Данска, Луксембург, Холандија, Шведска и Турција.
Машкото првенство е планирано да се одржи од 10 до 29 јануари 2034 година, а женското првенство од 28 ноември до 17 декември 2034 година.
Според предвидениот распоред, федерациите имаат рок до 1 март 2027 година да поднесат официјална кандидатура, а потоа кандидатурите ќе бидат оценети, а одлуката за домаќините на Европските првенства на ЕХФ во 2034 година ќе ја донесе Конгресот на ЕХФ, кој ќе се одржи на 18 септември 2027 година во Љубљана, Словенија.
септември 19, 2026
