Connect with us

Живот

„Ѓаволски цвет“ – необично растение од тајландските шуми кое преживува без сончева светлина

Неодамна откриено необично растение во тајландските шуми кое може да опстане и без директна сончева енергија. Станува збор за необичен вид со речиси црн цвет кој расте скриен под слојот од паднати лисја, од чиј врв се издигнуваат три долги израстоци налик на рогови, додека пак, црвеникаво-портокаловите дамки на неговото тело потсетуваат на вжештени очи.

Поради својот изглед растението го добива името „ѓаволски цвет“ (Thismia daemona), а неговата необичност е опишана во научен труд спроведен од истражувачи. Според нив, необичниот изглед на цветот не е единствената карактеристика што го издвојува од другите растенија, туку и недостигот од хлорофил, што значи дека не може да ја користи сончевата светлина како извор на енергија, ниту пак преку фотосинтеза да создава сопствена храна.

– „Ѓаволски цвет“ се храни преку габите во почвата. Овој начин го нарекуваме, микохетеротрофија, односно, наместо да се свртува кон Сонцето и да создава храна преку фотосинтеза, тој се потпира на подземната мрежа од габи за да ги добие неопходните хранливи материи, објаснуваат експертите, нагласувајќи дека токму овој начин овозможува да преживее во темни услови на шумското тло.

„Ѓаволски цвет“ е откриен во Националниот парк Тонг Фа Пхум, во западниот дел на Тајланд, во мај 2025 година, меѓу паднати лисја и низок бамбус, на надморска височина од приближно 930 до 970 метри, што не е вообичаено за ваков вид растение. Со влакнести, светлокафеави корени, заедно со својот цвет, може да достигне височина од приближно 12,5 сантиметри. Иако на прв поглед изгледа како растение од фантастичен свет, „Ѓаволски цвет“ е вистински пример за тоа колку различни стратегии за преживување можат да развијат растенијата.

„Ѓаволски цвет“ поголемиот дел од животот го поминува скриен под паднати лисја, појавувајќи се кратко на површината, односно, додека цвета и создава плод, по што повторно исчезнува.

Овој род вообичаено се поврзува со постојано влажни дождовни шуми на пониски надморски височини, што ваквото откритие отвора нови прашања за условите во кои можат да преживеат овие необични растенија.

Научна студија е објавена во списанието „PhytoKeys“.