Connect with us

Економија

Коридорите 8 и 10 „на мегдан“, домашната градежна оператива со очекувања

Патната карта на Македонија во годината што измина доби 37 автопатски километри на две делници на Кичево-Охрид  и 51,5 експресни километри, на делниците Градско-Дреново и Крива Паланка – Длабочица – Страцин. Во новата година треба да продолжи изградбата на автопатските делници Тетово-Гостивар, Гостивар -Букојчани и Прилеп-Битола на коридорите 8 и 10д од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, а веќе се изработува проектна документација и за делницата Требеништа – Ќафасан. При крај се активностите за старт на работите на автопатот Кичево-Букојчани, кои се планираат за напролет, а се очекува и евалуацијата од понудите за изведувач за вториот дел од автопатот Скопје-Блаце. 

Во делот на железничката инфраструктура, во 2025-та беа најавени проектите за изградба на брза пруга на Коридорот 10,  за Градски воз, за модернизација на Железничката станица Скопје, а беше потпишан и договор со Бугарија за меѓуграничниот железнички тунел за поврзувањето со пруга на Скопје и Софија. Во 2026 година треба да се избере надзорен инженер и изведувач на работите на третата фаза од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до пограничниот тунел,  да се обезбедат финансии за реконструкцијата на  скопската железничката станица, да се подготви проектна документација за реконструкција на делницата Скопје – Кичево, да почне изработката на билатерална претфизибилити студија со албанските железници за делницата од Струга до железничката конекција во Албанија. 

Градежната оператива очекува дека во 2026 година ќе се интензивираат работите на сите автопатски делници во изградба, на пругата Бељаковце-Деве Баир, но и дека ќе се почнат нови автопати, како и нови инвестиции со пари од најавениот британски заем. Уверуваат дека домашните компании можат да ја следат предвидената динамика. Ако 2025-та, како што велат, била година на не толку голема оперативна активност на македонските компании, 2026-та ја очекуваат како година на препород.  Цените на градежните материјали минатата година се стабилизираа, но не и цените на становите, што пак се очекува дека ќе се случи годинава. 

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски вели дека  во текот на 2025 година ЈПДП инвестираше во повеќе значајни проекти, но оти акцентот бил на изградбата на коридорите 8 и 10 како главни стратешки коридори. – Ставени беа во употреба експресниот пат Крива Паланка – Длабочица – Страцин (Чатал) во должина од 25,5 км, потоа експресниот пат Градско –Дреново во должина од 26 км, се изврши рехабилитација и поправка на регионалниот пат Охрид – Св. Наум во должина од околу 25 км, беа пуштени две подделници од автопатот Кичево-Охрид итн. Овие инвестиции беа повеќе од 271,5 милиони евра (без Кичево-Охрид), од кои согласно со Програмата за одржување и заштита на државните патишта за 2025 година беа издвоени 456 милиони евра за периодично и тековно одржување на патиштата, вели Трајановски во изјава за МИА. 

Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2026 година се уште е во подготовка.  Се додека не биде усвоена од  Владата Трајановски вели дека не може да даде точен и прецизен податок за плановите бидејќи  може да претрпи интервенции. Но, посочува, повеќе од јасно е дека ќе имаме амбициозна и квалитетна програма со која ќе се задржи динамиката на градење и рехабилитирање од 2025 година со нов импулс и нови патни правци предвидени во неа. Ќе продолжи изградбата на веќе започнатите капитални проекти, а за оние за кои процедурите се при крај ќе се отпочне со конкретни активности на терен, најавува Трајановски. 

По 11 години изградба на автопатот Кичево-Охрид (57 километри) на 13 јули лани беа пуштени првите 20 километри, на потегот од Врбјани до Ботун, а на 7 септември  уште една делница, Климештани-Охрид, во должина од 17 километри.

Трајановски уверува дека се преземаат напори што поголем дел од автопатот Кичево-Охрид да биде ставен во употреба. За изградбата на тој автопат, соопштува дека досега согласно со планираната динамика реализирани се 557.985.782 евра или 93,3 проценти од предвиденото. 

– Во тек е изработка на проектна документација за стабилизација на ново појавени свлечишта на 15-ти километар на подделница 2 за што е изработена и позитивно ревидирана проектна документација согласно со која  изведувачот/подизведувачот активно работи на санација по ново изработената проектна документација. И за останатите три свлечишта за подделница 2 проектирањата се во напредна фаза и проектната документација ќе се заврши и достави до изведувачот до  31.12.2025 година. За подделница 1 и 4 работите ќе се завршат и достават до изведувачот до  31.01.2026 година, вели Трајановски, кој потсетува дека согласно со Анекс 6 на Договорот за изградба, рокот на завршување е 31 декември 2026 година.

На терен сега, дополнува, се изведуваат активности на подделницата 1 и 2 каде се работи припрема на заштитни мерки на косини, со пошумување, поставување на геокомпозитна мрежа и прскање со бетон. Потоа, на косина на стационажа на 15-ти километар се изведува решение со галерија и се работи на бушење и бетонирање на шипови, оплатирање армирање на плоча, оплатирање армирање на кружни столбови, армирање и оплатирање на потпорен ѕид итн. Напорите се насочени кон тоа што поголем дел од автопатот во изградба да биде функционален и ставен во употреба за полесно патување до туристичкиот центар Охрид, истакнува Трајановски. 

Напролет старт на изградбата на автопатот Букојчани-Кичево 

Директорот на ЈПДП очекува напролет да стартува изградбата на автопатот Букојчани – Кичево, откако Европската банка за обнова и развој ќе го одбри извештајот од евалуацијата на понудите за изведувач на работите. 

Изградбата и надзорот на изградба на автопатската делница од Кичево до Букојчани ќе се финансира со заем од ЕБОР во висина од 110 милиони евра и инвестициски  грант од 19,5 милиони евра.

– Извештајот од евалуација на понуди за избор на Изведувач беше испратен на одобрување до Банката и сега се постапува по препораките од ЕБОР. За избор на надзор во тек е евалуација на понуди. Започнување на градежните работи се очекува напролет, вели Трајановски. 

Изведувачот ќе треба да изгради современо автопатско решение од 11,5 километри коешто ќе ја замени постоечката делница на државниот пат А2 од Гостивар до Кичево проектирана пред повеќе од 50 години.  Оваа делница е надоврзување на трасата Гостивар – Букојчани (30,1 километар), која е дел од пакетот автопатски делници на коридорите 8 и 10-д, што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.  

За автопатите на коридорите 8 и 10д за годинава 103 милиони евра, се изработува документација и за Требеништа – Ќафасан 

Според Трајановски, на автопатите на коридорите 8 и 10д, динамиката на работа се забрзува како што се зголемува достапноста до територија за работа. Напредокот, вели, е забележлив и досега на Делница 1, Тетово-Гостивар, достапни за работа се 13 километри од 17,5 километри, на Делница 2, Гостивар-Букојчани, достапни се 9,6 километри од 31 километар, а на Делница 4, Прилеп-Битола, достапни се 22 километри од 40 километри.

– Интензивно се работи на изградба на предвидените објекти на достапните делови од трасата на патната делница – како мостови, потпорни ѕидови, натпатници, подпатници, клучки, пропусти, канали за вода, се вршат ископи, се прават насипи, се подготвуваат трасите и се врши пополнување со материјал за тампонирање. Во исто време интензивно се работи на завршување на процесите за експропријација на земјиштето и ослободување на простор за работа на Изведувачот, вели директорот на ЈПДП. 

Во текот на 2025 година на Конзорциумот „Бехтел и Енка“ исплатени се вкупно 147 милиони евра. а за 2026 година планирани се 103 милиони евра. 

– Клучни активности во 2026-та ќе бидат овозможување на пристап и можности за изведбени работи на вкупните должини по трасите на делниците 1,2 и 4. За делницата 3,  Требеништа – Ќафасан, е во процес на изработка сериозна документација која ќе даде точни насоки за заштита на биодиверзитетот и културното наследство при утврдувањето на трасата за оваа патна делница. Тоа се реализира преку изработка на Стратешка оцена на влијанието врз животната средина (СЕА), Студија за оцена на влијанието врз животната средина (ЕИА) и Студија за влијание врз наследството (ХИА), со што се обезбедува целосна анализа на еколошките, културните и просторните аспекти на проектот за Делница 3, вели Трајановски.

Тие студии треба да овозможат навремено идентификување на потенцијалните ризици, разгледување на алтернативни решенија и дефинирање мерки за заштита и ублажување, со цел зачувување на универзалната исклучителна вредност на УНЕСКО-подрачјето.

Процесот за Делница 3 е усогласен со националната регулатива и меѓународните стандарди и препораки на УНЕСКО и ИКОМОС, при што посебен акцент се става на одржливиот развој, транспарентноста и информирањето на јавноста. Крајната цел, истакнуваат од ЈПДП, е реализација на проект кој ќе одговори на јавниот интерес, без да се загрози природното и културното наследство од исклучително значење.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информација за одобрување Урбанистички проект за градби од стратешки интерес за изградба на патен Коридор 10д, делница на автопат Прилеп – Битола и донесе

Се чека одлука за изведувач на вториот дел од автопатот Скопје-Блаце 

Во фаза на евалуација се и понудите за вториот дел од автопатот Скопје-Блаце, за кој од проектираните 12 километри изградени се два. 

Трајановски вели дека предизвиците за изградбата на 10-те километри од вториот дел од автопатот Скопје-Блаце се големи уште од самиот старт и уште не почната изградбата. Но, посочува, работите ги придвижуваме кон фаза од која понатаму ќе може да се започне и со конкретни активности. – Поточно, во моментов постапките за изградба на вториот дел од автопатот  Скопје – Блаце, односно избор на Надзор и Изведувач се во фаза на евалуација. Откако ќе направиме избор сѐ ќе биде полесно и искрено се надеваме дека нема да имаме поголеми проблеми со пробивање на трасата иако и овде имаме планински терен кој е сложен за градба затоа што никогаш не знаеме што носи тлото каде што треба да се гради, најави Трајановски.  

Проектот почнат во 2014 година, е со вредност од 250 милиони евра и се реализира со поддршка на Европската банка за обнова и развој. 

Во делот на експресните патишта, се најавува изградба на делницата Страцин-Романовце, што ќе биде надоврзување на експресниот пат Крива Паланка – Длабочица – Страцин. 

Трајановски вели дека делницата Страцин – Романовце планирано е да биде финансирана во рамки на реформската агенда, при што средствата ќе се обезбедат преку Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан во висина од 40 процети кои се грант, а за преостанатите 60 проценти потребно е да се обезбедат средства преку заем од меѓународна банка (ЕИБ, Светска Банка, ЕБОР…).

Синиша Ивановски, директор на ЈП Железничка Инфраструктура во изјава за МИА вели дека за железничката инфраструктура во годината што измина фокусот беше на проекти и студии за модернизација на Коридор 10 и развој на проектот „Брза пруга“, пробивање на 14-тиот од 15 тунели на делницата од Бељаковце до Крива Паланка, почеток на реконструкцијата на делницата Зелениково–Скопје како дел од пректот „Градски воз“ која ќе овозможи побрз и поефикасен локален железнички сообраќај со скратено време на патување, почеток на проектирањето за реконструкција и уредување на железничката станица во Скопје, со цел да се врати оригиналниот архитектонски изглед и да се интегрира со проектите на Коридор 10,…

Со Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија сериозен акцент се става на инвестициите во инфраструктурата, потенцирајќи ги инвестициите во железничката инфраструктура, особено бр

– Според планираните активности, 2026 година се очекува да биде година на интензивирање на активностите поврзани со повеќе клучни инфраструктурни проекти: избор на надзорен инженер и изведувач на градежните работи на третата фаза од Крива Паланка до пограничниот тунел со Република Бугарија, по одобрување на проектната документација се очекува да се обезбедат финансии за реконструкција и модернизација на железничката станица во Скопје и други делници, подготовка на проектна документација за реконструкција на делницата Скопје – Кичево, започнување на изработка на билатерална претфизибилити студија со албански железници за делницата од Струга до железничката конекција во Република Албанија со цел да се испочитуваат барањата на УНЕСКО за Охрид и охридскиот регион итн, изјави Ивановски.

Откочени работите за железничкиот тунел со Бугарија,  тендер за делницата од Крива Паланка до Деве Баир

Како што најавува Ивановски, по потпишувањето на билатералниот договор за Меѓуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година и неговата ратификацијата во собранијата на двете држави, во следниот период треба да се формира заедничка работна група што ќе работи на севкупниот делокруг и активности поврзани со заедничкиот пограничен тунел, вклучувајќи го и финансирањето.

ЈП за железничка инфраструктура на Македонија и Националната компанија за железничка инфраструктура на Бугарија треба да формираат заеднички работни групи за подготовка на потребната тендерска документација, со поддршка од ресороните министерство.  Подготовката ќе се спроведе со помош од Европската комисија и европските финансиски институции што го поддржуваат проектот. Во рок од три месеци од стапувањето во сила на договорот Македонија и Бугарија треба да достават временски план за подготовка и изградба на тунелот до ЕК и европските банкарски институции.

Тунелот ќе биде долг 2.383 метри, од кои 1.193,70 метри ќе бидат лоцирани на територијата на Бугарија, а 1.189,30 метри на територијата на Македонија. Ќе биде точка на поврзување на  железничката линија Софија-Перник-Радомир-Гуешево  со линијата Крива Паланка-Бељаковце-Куманово-Скопје.

Македонија и Бугарија, по повеќемесечен застој на крајот на јуни минатата година на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување. Следуваше состанокот на делегации на двете држави на 16 јули во Брисел на кој беа идентификувани приоритетите, а на 6 ноември вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов, на железничката станица Ѓуешево го потпишаа Договорот за подготовка, изградба и оперативност на тунелот, што ќе биде меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8 за директната железничка врска меѓу Скопје и Софија. 

Од трите делници од македонска страна завршена е првата, Куманово – Бељаковце (30,8 километри), во вредност од 40,5 милиони евра. Во тек се работи на втората, од Бељаковце – Крива Паланка (34 километри) и вредност од над 155 милиони евра. За третата  од Крива Паланка граничниот премин Деве Баир (23,4 километри) се очекува да биде распишан тендер за избор на изведувач во првиот квартал годинава. Според првичните проекции, ќе чини 550 милиони евра. 

– ЈП ЖРСМ Инфраструктура – Скопје заедно со консултантот за техничка помош и Европската инвестициска банка заедно работат на подготовка на тендерската документација за избор на надзорен инженер и изведувач. Заради усогласување на техничката спецификација со новите стандарди и барања за интероперабилност, тендерот за избор на изведувач на градежните работи се очекува да биде објавен најдоцна до крај на првиот квартал на 2026 година, додека тендерот за избор на надзорен инженер се очекува да биде објавен по божиќните празници, изјави Ивановски. 

На втората делница од пругата минатиот месец беше пробиен претпроследниот, 14-от од вкупно 15-те планирани тунели. Паралелно се подготува проектна документација откако се најде решение за конструкторскиот проблем со мостовските столбови.

– Заради зајакнување на полуизградените мостови од 1990-тите години кои треба да издржат поголем товар и да се компатибилни со европските стандарди се изработува проектната документација која е во финална фаза и подлежи на повеќекратни ревизии и одобрувања. Истовремено се работи на пробивање и последователни градежни работи на тунелите, информира Ивановски.

Летоска работи за брзата пруга, обнова на делницата Скопје – Кичево и патување со „Градски воз“ 

За проектот за брза пруга на Коридор 10, од страна на Министерството за транспорт на јавна постапка за набавка на услуга избрана е меѓународна консултантска куќа којашто треба да ја изработи потребната проектна документација согласно меѓународните стандарди и барања на меѓународните финансиски институции. 

Според најавите, градежните работи за брзата пруга на Коридорт 10 се очекува да почнат лестоска, а да биде готова и пуштена во употреба за пет-шест години заедно со реконструираната Железничка станица во Скопје и железничкиот крак од оваа станица до Меѓународниот аеродром Скопје. Паралелно со сите тие активности МЖ Транспорт ќе треба да направи набавка на нови возови и локомотиви. 

За летоска активности се најавени и за реконструкција на пругата Скопје-Кичево на Коридор 8. Во септември 2025 година, во соработка со Европската банка за обнова и развој беше доставена апликација за грант средства за техничка помош со цел подготовка на проектна документација за реконструкцијата.

– Апликацијата успешно го помина првиот скрининг и се надеваме дека по вториот скрининг, ќе биде финално одобрена и активностите ќе започнат до крајот на првата половина на 2026 година, вели Ивановски. 

Според ветувањата, првата придобивка од проектите во најава граѓаните ќе ја имаат од проектот Градски воз. Во тек се работи за првата фаза, со која е ветено дека од Железничката станица Зелениково до Железничката станица во Скопје ќе се стасува за 25 минути, а од таа во Драчево за 11 до 13 минути. За да се случи тоа треба да се заврши ремонтот на пругата во должина од 25 километри, што ќе чини 5,7 милиони евра. Следната година ќе се проектира втората делница, од Волково до скопската железничка станица, а во 2027 година и последниот дел, делницата Миладиновци – Илинден – Скопје.

Ивановски вели дека динамиката за изведба на градежните работи се одвива согласно планот и оти се очекува градежните работи да завршат до крајот на првата половина на годинава.

И  најавените активности за реконструкција на Железничката станица Скопје, според Ивановски, се одвиваат согласно предвидената динамика.  Склучен е договор со Градежниот факултет – Скопје кој, посочува, веќе работи на проектната документација. 

Паралелно со активностите за изградба на железничката инфраструктура се очекува и обнова на возниот парт на МЖ Транспорт, откако во Владата на крајот на минатиот месец беше потпишан договор за заем од 21 милион евра со Европската банка за обнова и развој  (ЕБРД) со кои ќе бидат набавени пет нови електрични локомотиви, што ќе се користат во карго превозот. Железницата сега има 11 активни  локомотиви од кои четири се понови, а седум постари.

Домашната градежна оператива очекува нејзиниот потенцијал да се искористи

Градежната активност во државава во третиот квартал од минатата година забалежа раст од 24,9 отсто, кој според Андреа Серафимовски од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора се должи, пред се, на зголемената активност на стратешкиот партнер во изградба на автопатите од коридорите 8 и 10.

– Очекуваме дека во наредната година ќе се интензивираат работите на сите автопатски делници, но и ќе се отпочне со работа и на нови автопатски делници (Скопје- Блаце, Букојчани-Кичево). Ако на овие очекувања се додаде дека се очекува интензивирање на изградбата и на локални патишта кои се финансираат со унгарскиот заем, како и проекти кои беа заборавени а се од ингеренција на град Скопје можеме со сигурност да кажеме дека не очекува една интересна и интензивна година. Ако, пак, на сето ова ги додадеме и прогнозите за интензивирање на работите на пругата Бељаковце-Деве Баир, но и најавите за отпочнување на нови инвестиции со пари од најавениот британски заем, со сигурност ќе констатираме дека наредната година може да биде година на препород на македонското градежништво, изјави за МИА Серафимовски.

Како што истакнува, 2025-тата за градежниците дефинитивно претставува година во која се случи стабилизација на цените на градежните материјали, раст на просечна плата на македонските неимари, но, посочува, и година на не толку голема оперативна активност на македонските компании.  

Осврнувајќи се на состојбите во високоградбата, Серафимовски вели дека очекува стабилизација на продажните цени на станови годинава. – Очекуваме поголема понуда и се надеваме дека 2026 година ќе биде година која ќе биде запаметена како година во која понудата ќе се израмни со побарувачката. Нашите очекувања се дека ќе се гради не помалку од 2025 година во регионите во кои имаше голема трансакциска активност во годината која измина, тука пред се би ги издвоил полошкиот, пелагонискиот но и скопскиот регион, вели Серафимовски. 

Тој истакнува дека домашните компании оперативно можат да ја следат предвидената динамика за градба на капиталните проекти. 

-Не радуваат оптимистичките очекувања за реализација на капитални проекти за наредната година. Се надеваме дека тие проекции се засновани на реални параметри но и можност за администрирање од страна на надлежните институции. Тоа што можеме со сигурност да кажеме дека нашите компании оперативно можат да ја следат предвидената динамика за градба и дека потенцијалот постои, но треба да се искористи, подвлекува претседателот на Здружението за градежништво. 

„Општествената улога за еден поединец е најважна за создавање здрава и стабилна држава, а Стопанската комора е највисокиот облик на организирање и на дејствување што овозможува компаниите да

Потенцира дека градежништвото може да биде двигател на економијата во нашата држава и стопанска гранка преку која можеме да се промовираме, но и да создаваме надвор од границите на државата. Има, вели, богата историја во нашата држава и бројни успеси кои датираат многу одмана и тоа во земји не само во Европа но и на Блискиот Исток. Ако сето ова го знаеме, и ако ги согледаме тековите кои се случуваат во нашата околина, во Европа но и правилата кои важат во институциите кои финансираат во градежништвото, преку кои се раководат градби на капитални проекти во инфраструктурата но и енергетиката, ќе утврдиме дека самите мораме да ги искористиме нашите потенцијали, да створиме капацитети со мерки кои не се стандардни и не се секојдневни.

– Мораме да ги фаворизираме нашите компании, нашите поединци. Мораме да им даваме вредности се поголема од ден на ден. Да престанеме со црната кампања на овој сектор. И да укажеме дека ова е нашиот потенцијал кој мораме да го негуваме и подигнуваме. Веруваме дека следат времиња во кои цврсто како држава, без пардон, ќе решиме дека нашите компании во оваа мала и многу економски организирана држава им треба помош, помош во која ќе им биде дадена шанса да покажат што знаат и што умеат, а јас верувам дека градежниците на таков пристап ќе вратат он државата дупло. Мораме квалитетот да го посочиме со име и презиме, мораме да ги ставиме на пиедесталот пред сите останати и мораме да кажеме дека тоа го правиме за да во иднина добиеме додадена вредност во нашата економија. За сето ова потребна е голема храброст што мислам дека постои и треба да се употреби, порачува Серафимовски.

Просечната нето плата во градежништвото, согласно последните официјални податоци изнесува 39 825 денари. Во овој сектор има 48 743 вработени заклучно со крајот на вториот квартал од 2025 година. Како и во минататите години, и по бројот на вработени и по износот на нето платата, вели Серафимовски, заклучокот е дека имаме континуиран раст во 2025 што беше и очекувано.

– Нашата прогноза е дека овој раст ќе продолжи и во рамки на нето исплати по вработен но и бројот на вработени ќе се покачува од ден во ден со оглед на потребите на терен, согласно економската политика на државата но и согласно вредноста на тоа што го работат градежниците. Денес со сигурност можеме да констатираме дека од градежништво добро се заработува во нашата република за оние кои работат посветено, интензивно и квалитетно, смета Серафимовски.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 1