Вести
Законите се реформски и нивната примена ќе ги унапреди високото образование и науката, сметаат ректорите на државните универзитети
Ректорите од јавните универзитети, кои денеска присуствуваа и се обратија на прес-конференцијата во Владата, посветена на новите закони за високо образование и за наука, се задоволни од законските решенија и сметаат дека новините што тие ги предвидуваат ќе го унапредат квалитетот на образованието, што ќе резултира и со подобро меѓународно позиционирање на нашите универзитети.
Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Биљана Ангелова, рече дека со големо внимание ги разгледале законите. Ставовите и заклучоците на УКИМ биле донесени во, како што рече, максимално инклузивна постапка и вклученост на сите универзитетски единици, кои потоа биле усвоени на највисоките тела – Ректорската управа и Сенатот на УКИМ.
– Беа дебатирани со МОН, односно со министерката, и може да кажам дека во овој момент ние имаме закон што ги рефлектира ставовите на нашиот универзитет. Законот е донесен во партнерство со МОН, нашиот најзначаен партнер, и имаме закон кој, конечно, е реформски затоа што со него се зголемени критериумите за избори и реизбори во звања. Тоа за краток период ќе резултура со многу подобар ранг на нашите универзитети. За нашиот УКИМ сум убедена дека бргу ќе имаме резултат во меѓународната видливост и подобар ранг на интернационалните сервиси за рангирање – рече Ангелова.
Нагласи дека со овој закон е заштитена автономијата – функционалната и организациската.
– А кај финансиската автономија, првпат во овој закон имаме цело едно поглавје за финансирањето, каде што се овозможува долгорочно буџетско планирање, петгодишен буџетски план, кој ни овозможува континуитет и сигурност во секојдневното работење – посочи ректорката на најголемиот и најстар универзитет во земјата.
Беким Фетаи, ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје, изјави дека ја поздравуваат иницијативата за повисок квалитет во високото образование. Рече дека поднеле консолидирани предлози за унапредување на трите нацрт-закони, усвоени од највисоките универзитетски органи, и дека со одговорно учество и максимален ангажман придонеле во процесот за изградба на современ систем на високото образование и наука.
Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, соопшти дека имале консензус за потребата од исчекор во квалитетно високо образование и за неопходноста македонската наука да биде препознаена регионално и глобално.
– За мене е особено важна можноста за проектно ангажирање млад кадар бидејќи тој модел недостигаше. Ни треба применлив, изводлив модел, кој ќе одговори на едно од најгорливите прашања – одливот на младите кадри. Сега им даваме можности да го градат својот пат тука, во својата земја – рече Мираковски.
Веланд Рамадани од Универзитетот на Југосисточна Европа посочи дека заклучокот од дебатите на нивниот универзитет е дека треба да се поддржи иницијативата „како основа за идно зајакнување на системот и негово усогласување со европските и глобалните образовни стандарди“.
– Само преку искрена соработка, конструктивен дијалог и заемна доверба помеѓу универзитите и државните институции може да постигнеме вистински, долгорочни и одржливи резултати – порача Рамадани.
Александар Николовски, досегашен претседател на Универзистетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, претседавач со Националното студентско тело и дел од координативната група за реформи во високото образование, на прес-конференцијата рече дека студентите биле вклучени во процесот на креирање на законите, но укажува на неколку предизвици со кои во моментот тие се соочуваат и се поврзани со предложениот закон.
– Националното студентско тело, кое треба да биде претставник на сите студенти во државата, не е никаде вклучено во законот за високо образование. Тоа беше клучно барање на сите универзитетски студентски собранија, односно на 11, кои се функционални – рече Николовски. Соопшти дека имаат забелешки за траењето на мандатите на претставниците во УСС, бараат да траат две наместо предлогот за мандат од четири години, а проблематично за нив е и намалувањето на бројот на членови претставници на студентите во Универзитетскиот совет и кумулатиувниот просек што се зема за прием на нов кадар, односно пресметката на просечниот успех во условите за избор во наставно-научен кадар.
Николовски смета дека постои нерамномерно финансирање и побара да се внимава при инвестирањето во инфраструктура и подобрување на условите на универзитетите, односно вложените средства да бидат пропориционални со бројот на студенти што универзитетите ги имаат.
април 16, 2026

