Connect with us

Свет

Бирол: Ублажувањето на санкциите на ЕУ врз руските производители на енергија би било погрешно

Директорот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) Фатих Бирол денеска изјави дека „тропањето на вратата на Русија“ би значело повторување на претходните грешки, дури и додека ЕУ се справува со ценовниот шок предизвикан од затворањето на Ормуската Теснина.

Агенцијата истовремено предупреди на досега најголемата криза со енергетската безбедност.

Во интервју за бриселскиот портал „Еуроњуз“ Бирол рече дека ублажувањето на санкциите врз руската енергија би била „голема грешка“ за европските земји, бидејќи Унијата се соочува со својот втор енергетски шок за четири години.

ЕУ разгледува мерки за ублажување на притисокот од цените на енергијата врз членките. Притисокот доаѓа по кризата во Ормуската Теснина, клучниот пат низ кој минуваат една петтина од светските испораки на нафта, откако Техеран го затвори преминот во март.

Настаните на Блискиот Исток придонесоа за пораст на цените на нафтата за 65 проценти, покажуваат проценките на Европската комисија. Во меѓувреме, цената на гасот се зголеми повеќе од двојно.

Брисел, меѓутоа, ги отфрли очекувањата дека санкциите врз руските енергетски компании, дури и преку трети земји, би можеле да бидат ублажени.

Позицијата на директорот на ИЕА е иста како и онаа на ЕУ, а откако Агенцијата денеска го објави извештајот во кој предупредува на „најголемата криза со енергетската безбедност со која светот се соочил досега“, тој за „Еуроњуз“ изјави дека „тропањето на вратата на Русија би било голема грешка“.

„Европа плати за својата прекумерна зависност во 2022 година. Првиот пат е грешка, вториот пат веќе не е. Постојат многу други опции што Европа треба да ги разгледа, побезбедни во однос на енергетската, надворешната и одбранбената политика“, изјави Бирол за бриселскиот портал.

Претходно овој месец, САД објавија 30-дневно продолжување на укинувањето на санкциите врз руската нафта на море, додека Велика Британија ги ублажи ограничувањата за увоз на руско авионско гориво и дизел рафинирано во други земји.

ЕУ, од друга страна, одби да ги ублажи мерките, тврдејќи дека финансирањето на Москва преку енергија, директно или индиректно, може само да помогне во продолжувањето на војната на Русија во Украина. Олеснувањето на санкциите го отфрли и еврокомесарот за економија, Валдис Домбровскис, во друго интервју за „Еуроњуз“.

Зголемувањето на цените на енергијата, сепак, ги поттикнува тензиите меѓу членките на ЕУ, а италијанската премиерка Џорџа Мелони минатата недела и пиша на Комисијата дека енергетската криза е исто толку важна како и одбраната и дека ЕУ треба да се однесува кон неа како таква.

Во новиот годишен извештај „Светски инвестиции во енергија“, ИЕА проценува дека нарушувањата поврзани со затворањето на Ормуската Теснина би можеле да ги надминат оние предизвикани од нафтената криза од 1970-тите и предвидува поинтензивен притисок врз диверзификацијата на увозот на енергија.

Извештајот предвидува дека глобалните инвестиции во енергија ќе достигнат 3,4 трилиони долари оваа година. Се очекува со околу 2,2 трилиони долари да се финансираат мрежи, складирање, горива со ниски емисии, нуклеарна енергија, обновливи извори на енергија и електрификација, а околу 1,2 илјади милијарди долари да одат за нафта, гас и јаглен.

Бирол рече дека сегашната криза ќе има трајно влијание врз Европа, нагласувајќи ја врската помеѓу економската и енергетската безбедност.

„Европската конкурентност и европскиот суверенитет ќе зависат клучно од нејзината енергетска стратегија“, истакна Бирол, додавајќи дека, според него, енергетската иднина на Европа е електрификација и дека „треба да ги електрифицираме нашите економии колку што е можно повеќе“.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1