Култура
Во Велес промовирана стихозбирката „Не ми е стр(а)в“ од Снежана Петрова Џамбазова
Во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес беше промовирана најновата стихозбирка „Не ми е стр(а)в“ од велешката поетеса и професорка д-р Снежана Петрова Џамбазова, вработена во Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ во Скопје.
Петрова Џамбазова е автор на повеќе научни трудови од областа на македонскиот јазик, како и на повеќе стихозбирки за возрасни и деца. Нејзини творби се објавувани во списанијата „Огледало“, „Современост“ и „Велес“, а најновата книга е поддржана од Министерството за култура и туризам.
На промоцијата, писателката Десанка Николова истакна дека „Не ми е стр(а)в“ е поетска книга која го надминува впечатокот на обична збирка стихови и се претвора во духовна биографија на човекот кој се соочува со сопствената ранливост.
-Ова не е книга што сака да го увери читателот дека животот е лесен, туку книга која потсетува дека вистинската храброст започнува таму каде што човекот ќе признае дека стравот постои, но нема да му дозволи да стане господар на неговиот живот- посочи Николова.
Промоторката Веселинка Лаброска нагласи дека самиот наслов на стихозбирката, во кој се сплотени два македонски збора со различно значење, претставува поттик за читателот да навлезе во стиховите и да ги открие темите за животот, љубовта, татковината и најдлабоките човечки потреби.
Според третиот промотор Емил Ниами, поезијата на Снежана Петрова Џамбазова потсетува дека јазикот не е само средство за комуникација, туку дом на човечкото искуство.
-Нејзината поезија е простор на зборовите, но и простор на траењето- истакна Ниами, додавајќи дека творештвото на авторката претставува редок спој меѓу науката и уметноста.
Промоцијата во Велес беше посветена на новото поетско дело на авторката, кое го збогатува современиот македонски поетски израз со препознатлив глас и длабоки човечки пораки
јули 31, 2026
