Култура
Македонскиот КИЦ во Софија и Општина Ресен ја продлабочуваат соработката за афирмација на културното наследство
Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Софија и Општина Ресен најавија продлабочување на институционалната соработка со цел афирмација на македонското културно наследство и развој на нови културни иницијативи.
Во рамки на оваа заложба, директорот на Македонскиот КИЦ во Софија, Зоран Пејковски, оствари работна средба со градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиовски, на која биле разгледани можностите за реализација на заеднички проекти насочени кон промоција на македонската култура, зачувување на духовното наследство и унапредување на културната дипломатија.
Како што информираат од Македонскиот КИЦ во Софија, посебен акцент бил ставен на иницијативата Спомен-собата на македонската ликовна уметница Кераца Висулчева, сместена во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, да се збогати со нејзиниот автентичен клавир, кој моментално се чува во депото на Македонскиот КИЦ во Софија.
-Клавирот на Кераца Висулчева не претставува само материјален предмет, туку драгоцено сведоштво за нејзиниот животен и творечки пат, за времето во кое создавала и за духовниот свет на една од најзначајните македонски уметници. Неговото враќање во рамките на Спомен-собата во Ресен би претставувало значаен придонес кон целосното претставување на нејзиното наследство и кон создавањето жив културен простор кој ќе продолжи да ги инспирира идните генерации, се наведува во соопштението од Македонскиот КИЦ во Софија.
На средбата било истакнато дека културата претставува важен инструмент за градење меѓународна соработка, меѓусебно разбирање и зачувување на националниот идентитет преку заеднички проекти и иницијативи.
По тој повод, директорот Пејковски му врачил плакета на градоначалникот Тозиовски како признание за придонесот во афирмацијата на културните вредности, поддршката на културната дипломатија и поттикнувањето на творечкото изразување.
Од Македонскиот КИЦ во Софија истакнуваат дека ќе продолжат со активности насочени кон поврзување на културните институции и промоција на македонското културно наследство во меѓународни рамки.
јули 31, 2026
