Технологија
„Ауди“ го претстави најголемиот теренец досега
Германскиот автопроизводител „Ауди“ го претстави новиот „Ку-9“ (Q9) – првиот луксузен СУВ-теренец од целосна големина во својата историја. Новиот модел се одликува со пространа кабина, врвна технологија и напредни системи за помош при возење, а првите испораки се очекуваат во четвртото тримесечје од 2026 година.
Со должина од 5,31 метри, „Ку-9“ е најголемиот автомобил „Ауди“ произведен досега. Стандардно располага со седум седишта, а како опција се нуди распоред со шест седишта и две индивидуални електрично прилагодливи седишта во вториот ред. Опремен е со автоматски врати, пет-зонска климатизација, масажа и вентилација на предните седишта, како и систем „Адаптив круз асист плус“ (Adaptive Cruise Assist Plus), којшто на автопатите во Германија, САД и Канада, каде што е одобрено, овозможува возење без раце на воланот при брзина до 130 километри на час. Моделот има и најголем панорамски стаклен покрив досега вграден во возило на „Ауди“.
Меѓу технолошките новитети се и најголемиот заден закривен ОЛЕД-светлосен панел, досега вграден во „Ауди“, „Дигитал матрикс ЛЕД“ (Digital Matrix LED) предни светла и трепкачи што ноќе проектираат светлосни стрелки на патот за поголема безбедност.
Во Европа, моделот ќе биде достапен со 3,0-литарски „В-6“ дизел-мотор со 245 или 299 коњски сили, додека за американскиот пазар е предвиден 3,0-литарски „В-6“ турбо-бензинец. Сите верзии стандардно доаѓаат со погон на сите 4 тркала. На одбрани пазари ќе се нуди и спортската верзија „Ес-ку-9“, со 4,0-литарски „В-8“ битурбо-мотор од 599 КС, којшто до 100 км/ч забрзува за четири секунди. Производството ќе се одвива во фабриката на „Фолксваген“ во Братислава, Словачка.
Почетната цена на „Ку-9“ со 299 КС е 108.400 евра.
јули 31, 2026
