Технологија
Телескопот „Роман“ подготвен за лет во вселената
Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација – НАСА соопшти дека новиот вселенски телескоп „Ненси Грејс Роман“ е подготвен за лансирање на 30 август, речиси девет месеци пред предвидениот рок. Телескопот, вреден околу четири милијарди долари, ќе биде испратен во вселената со ракетата „Фалкон хеви“ на „Спејс-Икс“.
Телескопот ќе патува до Лагранжовата точка Л-2, оддалечена повеќе од милион километри од Земјата, каде што ќе има стабилни услови за набљудување на вселената. За патувањето и за одржување на орбитата ќе користи големо количество хидразинско гориво. На прес-конференцијата во Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА во Гринбелт, Мериленд, САД, научниците појаснија дека „Роман“ ќе има слична острина како неговиот претходник „Хабл“, но многу побрзо ќе може да снима многу пошироки делови од небото.
– „Роман“ има приближно иста чувствителност и острина на сликата како „Хабл“, но може да го прегледува небото многу побрзо, така што на „Хабл“ би му биле потребни околу еден век за да ја истражи нашата галаксија Млечен Пат, а на „Роман“ – само еден месец. Би ни биле потребни повеќе од половина милион 4К-телевизори за целосно да прикажеме само една фотографија од „Роман“ од ова наше најголемо истражување – изјави Џули Мекенери, одговорна за проектот.
Секоја година „Роман“ ќе испраќа повеќе од 500 терабајти податоци – повеќе отколку што „Хабл“ собрал за околу 35 години работење.
– Околу стотиот ден ќе го извршиме конечното вметнување во орбитата, за да стигнеме до нашата конечна поставеност околу Л-2. Потоа ќе имаме доволно гориво за сите растоварувања и маневрите за одржување на положбата што ќе ни бидат потребни за работа следните пет години, па и подолго – рече Џереми Перкинс, задолжен за интеграцијата и тестирањето на телескопот.
Менаџерката на проектот „Роман“, Џеки Таунсенд рече дека, гледано во целина, целиот тим е подготвен за лансирањето.
– Затворањето во заштитната обвивка, односно сместувањето на опсерваторијата во аеродинамичката обвивка што ќе ја однесе во орбитата, ќе се случи за само три недели, изјави Таунсенд.
Телескопот го носи името на Ненси Грејс Роман – првата главна жена-астрономка на НАСА, т.е. прва нејзина извршна директорка која поради својот придонес во создавањето на „Хабл“ често ја нарекуваат и „мајка на Хабл“.
Иако нема да биде толку чувствителен во инфрацрвениот спектар како „Џејмс Веб“, видното поле на „Роман“ ќе биде околу 50 пати пошироко, што ќе овозможи брзо мапирање на огромни области од вселената и откривање ретки тела. Можеби една од главните задачи на телескопот ќе биде снимањето на околу две милијарди галаксии, на егзопланети, како и проучувањето на темната материја и темната енергија. Научниците очекуваат токму овој телескоп да овозможи откритија коишто денес се невозможни.
јули 31, 2026
