Технологија
„Дримкаст“ згасна пред 25 години, но конзолата сè уште живее – најавена нова видеоигра
Иако јапонската компанија „Сега“ го прекина производството на „Дримкаст“ (Dreamcast) уште во 2001 година, легендарната конзола и денес живее благодарение на заедницата ентузијасти и независни програмери, кои и натаму создаваат нови игри за неа.
„Дримкаст“ се појави во Јапонија во 1998 година, а една година подоцна и на светскиот пазар. Конзолата донесе иновативни можности за своето време, меѓу коишто 3-Д графика, онлајн-играње преку вграден модем и популарни наслови како „Соник Адвенчр“, „Шенмуе“, „Соул-калибур“ и „Резидент ивл – Код: Вероника“. Иако тогаш „Сега“ се повлече од пазарот на конзоли по успехот на „Плејстејшн 2“ (PlayStation 2), „Дримкаст“ остана омилена платформа за „направи дома сам“ заедницата.
Благодарение на едноставната архитектура и можноста да стартува игри од обични компакт-дискови, конзолата и денес е активна меѓу љубителите на ретро-игрите.
Најнов пример е новата хорор-играта „Вајт крик“ (White Creek), развиена од „Стори брд студиос“ (Story Bird Studios) во соработка со „Пикселхарт“ (PixelHeart). Видеоиграта, во којашто главниот лик е егзорцистката Алисија Морели, првенствено е наменета за „Дримкаст“, а подоцна ќе биде достапна и на „Стим“ (Steam).
„Дримкаст“ денес претставува редок пример на конзола којашто одбива да замине во историјата, и повеќе од 25 години по нејзиното официјално згаснување. Благодарение на активната заедница, новите игри и поддршката за онлајн-сервери, таа останува симбол на креативноста и долговечноста во светот на видеоигрите.
јули 30, 2026
