Connect with us

Свет

Започнува судењето на братот на шпанскиот премиер, кој нелегално добил јавна функција

Во шпанскиот град Бадахоз, на западниот дел од земјата, денеска започнува судењето на братот на шпанскиот премиер Педро Санчез по обвинение дека бил нелегално вработен на јавна функција, објави шпанската телевизиска станица RTVE.

Актуелниот шпански премиер, Педро Санчез, од 2014 до октомври 2016 година бил генерален секретар на Социјалистичката партија (PSOE), кога во Бадахоз, каде што неговата партија била на власт, била искреирана позицијата Координатор на активностите на окружните конзерваториуми, односно професионалните музички училишта. За таа позиција конкурирале десет кандидати и сите биле одбиени, објави RTVE.

Музичарот Давид Санчез, кој во тоа време бил невработен, потпишал договор за позицијата само два месеци откако Педро Санчез ја врати контролата врз партијата во мај 2017 година.

Десничарските организации Манос Лимпијас, Хасте Оир, Јуститија Европа, Здружението Либерум и Фондацијата на христијански адвокати, како и опозициските политички партии Вокс и Народна партија (ПП), го обвинија Давид Санчез дека ја добил работата благодарение на својот брат, односно дека позицијата е создадена со цел да го вработат таму.

Тие покренаа судска постапка, а локалниот суд го прифати обвинението, па рочиштето ќе трае од денес до 4 јуни.

Меѓу обвинетите се неколку функционери и членови на PSOE кои тогаш биле на раководни позиции во Бадахоз.

Одбраната на Давид Санчез тврдеше дека сè се сведува на „претпоставки и хипотези“ и дека не е сторено никакво кривично дело.

Педро Санчез, кој се соочува со парламентарни избори во Шпанија следната година, е под притисок во последните месеци во неколку случаи во кои се обвинети членови на неговото семејство и партија.

Неговата сопруга, Бегона Гомез, е обвинета за фаворизирање на некои компании и претприемачи како ко-раководител на постдипломските студии на Универзитетот во Мадрид. Таа изјави дека е невина.

Полицијата вчера изврши рација во седиштето на PSOE во Мадрид барајќи исплати и документи поради сомнение дека поранешниот секретар на партијата и една поранешна членка создале нелегална финансиска шема за поткуп на истражители, полициски и судски службеници. Полицијата, исто така, ја истражува таа поранешна членка на партијата и неколку други лица, поради сомнение дека создале компанија преку која земале нелегални провизии од компании кои добивале пари и договори од државната холдинг компанија SEPI.

Премиерот Педро Санчез вчера изјави дека неговата партија соработува со истражителите и повика на презумпција на невиност. Тој го отфрли барањето на десничарската опозиција за распишување предвремени избори.

Санчез е на власт од летото 2018 година, кога на тогашниот конзервативен премиер Маријано Рахој му беше изгласана недоверба во парламентот, бидејќи неговата Народна партија беше осудена за корупција.

Минатата година, Шпанија се рангираше на 49-то место од 182 земји според перцепцијата на граѓаните за корупцијата, според „Транспаренси интернешнл“. Земјите на врвот се најмалку корумпирани според перцепцијата на граѓаните.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1