Connect with us

Живот

Праисториски судир можеби ѝ го променил движењето на нашата галаксија Млечен Пат

Спиралниот диск на Млечниот Пат можеби претрпел промена во ориентацијата по праисторискиот судир, по што се чини веројатно дека многу од неговите ѕвезди, а можеби дури и Сонцето, во минатото се движеле по патеки коишто биле значително различни од денешните.

Според истражување на Универзитетот Дарам во Обединетото Кралство, ова го покажуваат суперкомпјутерските симулации, чии резултати истражувачите ги презентираа на националната конференција за астрономија на Кралското астрономско друштво во Бирмингем. Повеќето од ѕвездите на Млечниот Пат се наоѓаат во неговиот зарамнет спирален диск, околу којшто се протега поголем, но многу поредок диск од ѕвезди.

Овој диск е главно составен од ѕвезди што се формирале во помали галаксии, а потоа, по спојувањето на галаксиите, станале дел од Млечниот Пат, каде што се наоѓа и Сонцето.

Набљудувањата од мисијата „Гаја“ на Европската вселенска агенција (ЕСА) покажаа дека овој ѕвезден диск ротира многу бавно. За да откријат зошто, истражувачите ја анализирале еволуцијата на 25 галаксии слични на нашата користејќи го пакетот космолошки симулации на „Аурига“ (Auriga), следејќи го нивниот развој во текот на милијарди години.

– Веќе знаеме дека Млечниот Пат имал моќен челен судир со галаксија позната како „Гаја-колбас“ или „Гаја-Енцелад“. Затоа мислиме дека дискот на Млечниот Пат можеби се превртел во минатото, објасни астрономот Кирил Батраков.

Гаја-Енцелад била масивна џуџеста галаксија којашто се судрила со раниот Млечен Пат пред околу 10-11 милијарди години и била апсорбирана во него. Научниците откриваат дека галаксиите со најбавно ротирачки ѕвездени дискови претрпеле посилен судир со друга галаксија, предизвикувајќи промена во движењето.

Ова спојување на галаксии наводно било најголемиот настан во раната историја на Млечниот Пат и ја трансформирало нашата галаксија, оставајќи милијарди ѕвезди да орбитираат околу нив во многу издолжени орбити во облик на колбас. Научниот труд на Батраков, исто така, укажува дека ротацијата на ѕвездениот диск на Млечниот Пат е поврзана со ротацијата на дискот од темна материја, што укажува дека тие веројатно еволуирале заедно, како што растела галаксијата.