Connect with us

Култура

Објавен прв том од избрани дела на Томислав Османли

Љубителите на убавата домашна литература деновиве одново ќе имаат можност да се сретнат со еден од најоригиналните македонски современи романи. Со поддршка на Министерството за култура и туризам, книгоиздателството „Виг зеница“ го објави романот „Дваесет и првиот“, едно од најбележитите дела на македонскиот писател Томислав Османли. Станува збор за првата книга од повеќегодишниот проект на објавувањето избрани дела од истакнатиот писател, прозаист и драмски автор – соопштија утрово од тимот на Османли.

– Романот „Дваесет и првиот“, кој го носи поднасловот „Книга на фантазми“,. во 2010 ја доби наградата „Роман на годината“ што ја утврди и тогаш ја доделуваше „Утрински весник“. Во 2010 година со одлука на уште едно мериторно жири – д-р Ферид Мухиќ, д-р Луан Старова и д-р Наташа Аврамовска, беше македонски кандидат за престижната регионална книжевна награда „Балканика“, која таа година се доделуваше во Валона, Албанија, а ја доби истакнатиот писател Исмаил Кадаре, а романот „Дваесет и првиот“ беше второпласирана книга од страна на меѓународното жири меѓу повеќето балкански кандидати на тој избор за „Балканика“ – додадоа од тимот на Османли.

„Дваесет и првиот“ првично беше објавен од страна на издавачката куќа „Блесок“ и доживеа две изданија во нашата држава и повеќе преводи: на англиски (Марија Џоунс и Метју Џоунс), руски (Олга Панкина), хрватски (проф. д-р Борислав Павловски), српски (Зоран Ж. Пауновиќ), црногорски (Марина Ѓуровиќ-Маркоска, претходно проф. Нена Вујадиновиќ), бугарски (Марин Петров) и на арапски јазик (Ханд Адел), во сите тие средини, како што се истакнува во соопштението, проследен со суперлативи од книжевната критика.

– Рецензии, одломки од романот и интервјуа со авторот беа објавувани во регионалните весници и списанија, на програмите на третите програми на Хрватското радио и на Радио Белград, а египетската национална телевизија Nile TV од Каиро на романот, македонскиот идентитет и историја и на нашите преродбенски личности, кои се истовремено и ликови ро романот, му посвети едночасовна емисија во разговор со преведувачката на „Дваесет и првиот“, меѓу другото, и како прва македонска книга преведена на арапски јазик. Втората програма на Радио Белград објави серија одломки од македонскиот роман, во поголем број продолженија. Белградскиот портал за култура и уметност BG ed culture овој македонски роман го прогласи за еден од петте најдобри странски книги поредени во Србија во 2015 година. Посебните изданија на „Дваесет и првиот“ беа претставувани на саемите на книгата во Лајпциг, Белград, Москва, а арапското издание и на големите саеми во Каиро, а потос и во Алжир, Саудиска Арабија, Судан, Кувајт и Мароко – се додава во соопштението.

Се додава дека за романот на Османли пишуваа Божидар Алајбеговиќ, Јагна Погачник, Теута Бутучи, Радојичиќ… а кај нас своите највисоки оценки ги искажаа членовите на жирито на наградата „Роман на годината“: Димитар Башевски, д-р Науме Радически, Манчо Митевски, како и литературните автори и критичари Глигор Стојковски, д-р Венко Андоновски, Златица Петковска, Бојан Иванов, Мирјана Јанческа, Билјана Билјановска, д-р Наташа Аврамовска и д-р Јелена Лужина.

Што напишал Томислав Османли за толку да нѐ восхити?, пишува д-р Јелена Лужина во својата рецензија со наслов „Чиј е овој сон?“, објавена во февруари 2010 година во весникот„Дневник“.

– Најкратко: нешто што во нашата литература не го направил уште никој. Еден вехементен роман за тегобниот дваесет и први век, македонски и светски, ама роман кој не е литераризиран според логиката на книжевниот текст, туку на технолошките стандарди на компјутерските игри. Во кои, знаеме, владее сосема поинаква (превртена) етика и естетика на бесчувствителноста (уривање и убивање), миговноста (сѐ е молскавично и служи, главно, за еднократна употреба), синхроницитетот (сѐ се случува едновремено и секаде) и на „божемноста“ (Бодријар тоа го вика симулакрум): бидејќи „само“ си играме, ништо што го правиме не е вистинско, не подразбира одговорноста, ниту произведува последици…“, се додава во соопштението.

Се додава и дека истакнатиот писател и книжевен теоретичар д-р Венко Андоновски за романот „Дваесет и првиот“ истакнува дека Османли напишал елегантен, мистичен, интелектуално рафиниран, раскошно структуриран роман за потрагата по тајниот премин кон подоброто утре, кон подобрите места, кон вечноста, која личи на митската змија што се храни од својата опашка.

– Од друга страна, романот е жестока критика на секојдневието и на нашата македонска судбина постојано да копнееме по друго место, по друг свет, некаде зад куќниот праг, за конечно, кога ќе ја платиме цената на расточувањето на идентитетот и човековото обезличување што тој прекрасен нов свет ни ја испорачува, да се вратиме дома, каде што единствено може да се пронајде мистичниот таен премин кон вечното блаженство и спокој. Роман што воодушевува и што се чита со едно отворање на кориците – се додава во соопштението.

Се истакнува дека по повеќе години отсуство од нашите книжарници, романот „Дваесет и првиот“, една од најтрофејните македонски книги, во издание на „Виг зеница“, му се враќа на македонскиот читател како првата книга од повеќегодишната серија – избрани дела на Томислав Османли.

– Книгата од наредната седмица ќе може да се најде во книжарниците „Литература.мк“ и „Или-или“ – се додава во соопштението.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3