Connect with us

Култура

Реномирано меѓународно жири ќе одлучува за наградите од официјалната селекција на филмскиот фестивал „Преку езерото“

Мирослав Митиќ продуцент од Србија, македонската режисерка Елеонора Венинова и филмската претставничка од Франција, Емили Ришел, се тричленото жири кое ќе ја има одговорната задача да одлучува за престижните награди во главната натпреварувачка селекција, на петтото издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“. Во рамките на главната програма, жири комисијата ќе оценува шест долгометражни остварувања од поширокиот медитерански и балкански регион, меѓу кои се кипарскиот „Држи се за мене“, иранскиот „Коцкарот“, македонскиот „Кома“, белгискиот „Одразот во мртвиот дијамант“, српскиот „Кармадона“ и бугарскиот филм „Месо“.


Според организаторите на фестивалот, Митиќ како еден од најистакнатите филмски продуценти во регионот, во жири комисијата носи децениско искуство во препознавање и пласирање на силни авторски приказни на глобално ниво. Неговиот фокус ќе биде насочен кон продукциските стандарди и пазарната вредност на приказните.

-Митиќ е меѓународен продуцент, сценарист и режисер чија работа ја трансформира историјата, културата и човечкото искуство во кинематографски приказни, создавајќи оригинална интелектуална сопственост за глобалната публика. Со повеќе од две децении меѓународно искуство, тој продуцирал признати играни филмови, вклучувајќи ги „Зона Замфирова“, „Грабежот на Третиот рајх“, „Нафака“, „Балкански браќа“ и „Небото над пејзажот“. Неговите продукции добија награди и меѓународно признание на големи филмски фестивали, додека „Зона Замфирова 2“, кој тој го напиша и продуцираше, стана најгледаниот филм на Балканот во 2017 година, велат од фестивалот „Преку езерото“.Надвор од играните филмови, Митиќ ја создаде и продуцираше наградуваната телевизиска серија „Мала историја на Србија“ и продолжува да развива меѓународни проекти, вклучувајќи ги „Џипси рапсодија“ – „Џелем Џелем“, „Константин Велики“ и глобалниот телевизиски формат „Exchange Challenge“.


Елеонора Венинова е етаблирана македонска режисерка и сценаристка, чии филмови уживаат признанија на домашната и меѓународната сцена. 


  • – Венинова е сценаристка/режисерка на филмови и ТВ серии. Нејзиниот дебитантски долгометражен филм „ Преекспонирано“ ја имаше светската премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Каиро во 2022 година. Нејзините претходни кратки филмови се прикажани на многубројни Оскар/БАФТА и ЕФА квалификациски фестивали, вклучувајќи ја и Неделата на режисерите на Канскиот филмски фестивал. Таа исто така, е активен член на Европската филмска академија, споделија од филмскиот фестивал.

  • Во биографијата на Емили Ришел е наведено дека е родена во Франција, во близина на белгиската граница. Таа отсекогаш била заинтересирана за кино уште од детството. Се приклучила на филмскиот фестивал „A l’Est“ во Руан (Нормандија) во 2013 година како член на жирито, а потоа почнала да работи во различни области како координација, комуникација и програмирање за овој фестивал, а сега е задолжена за источноевропските проекции за A l’Est, кој се одржува во различни кина во март. Во исто време, таа работи за фестивалот за кратки филмови во Руан, „Courtivore“, каде што избира филмови со други програмери. 

Емили Ришел е филмски работник и претставник на една од најголемите медитерански филмски сили – Франција, која во овогодинешната жири комисијата го носи строгиот критериум на француската школа, балансирајќи ги регионалните балкански сензибилитети со современите глобални филмски трендови. Таа е членка на мрежа наречена „Moteur“ која обединува седум филмски фестивали во Руан, ја промовира разновидноста на кинематографијата и организира бесплатна проекција на кратки филмови еднаш годишно. Ришел била член на жирито на филмски фестивали како Фестивал на независен филм Идромено во Скадар (Албанија), Фестивал на балкански филмски фестивал во Поградец (Албанија), Меѓународен образовен филмски фестивал во Евро (Франција), велат организаторите на „Преку езерото“.

Одлуката на тричленото жири за годинешните лауреати ќе биде соопштена на свеченото затворање на фестивалот во среда.

Ad
Ad