Култура
Научна конференција за 95 – годишнината од раѓањето на академик Блаже Ристовски во Кавадарци
Научна конференција за 95 – годишнината од раѓањето на академик Блаже Ристовски се одржа во Кавадарци, под покровителство на градоначалникот Митко Јанчев и Советот на Општината.
Задоволство од настанот, во името на Библиотека „Феткин” Кавадарци и како дел од организацијата на оваа научна конференција заедно со Општина Кавадарци, изрази директорот Петар Гурев.
-Не одбележуваме само значаен јубилеј. Оддаваме почит на еден исклучителен човек, чиј животен пат и дело оставија длабока трага во македонската наука, култура и национална историја. Академик Блаже Ристовски беше човек кој со својата посветеност и истражувачка дејност го посвети својот живот на проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, книжевност, фолклор, културно-историско наследство и национален идентитет. Неговото дело претставува значаен дел од нашата научна и културна меморија, а неговите истражувања и денес се основа за нови проучувања, и научни толкувања – истакна Гурев.
Особено е значајно што овој јубилеј го одбележуваме токму во Кавадарци, рече тој, градот со кој академик Ристовски е длабоко поврзан по своето потекло, образование и животен пат.
– Неговите корени се во кавадаречкото село Гарниково, а неговите младешки години и образованието се поврзани со нашиот град. Затоа, за Кавадарци, чествувањето на неговиот лик и дело не е само израз на почит кон еден голем научник, туку и потврда на нашата одговорност да ги пренесуваме вредностите што ги оставиле најзначајните личности од нашето поднебје. Како библиотека, институција чија мисија е да го чува и пренесува знаењето, да ги афирмира книгата, науката и културното наследство, сметаме дека ваквите настани имаат особено значење. Тие потсетуваат дека културното наследство не е само она што го наследуваме од минатото, туку и она што сме должни да го зачуваме и да им го оставиме на генерациите што доаѓаат – подвлече Гурев.
октомври 16, 2026


