Connect with us

Филм

На аукција се продава скелетот од Т-рекс за 26 милиони евра

Скелетот на тираносаурус рекс, познат по прекарот Гас, е на пат да стане најскапиот фосил од диносаурус некогаш продаден. Фосилот стар 67 милиони години е проценет на околу 26,3 милиони евра, а се очекува конечната продажна цена да биде уште повисока.

„Според научниците тоа би претставувало огромна загуба за палеонтологијата доколку еден од најцелосните примероци од овој вид биде ставен во приватна колекција и стане недостапен за истражувања“, напиша Телеграф.

Гас е долг речиси 12 метри, составен е од 183 фосилизирани коски и е зачуван околу 63 проценти. Поради својата големина и состојба, примерокот има огромно значење за научните истражувања. Истовремено претставува и исклучително привлечен предмет за богаташите.

– Диносаурусите не треба да бидат луксузни предмети за богати колекционери, туку научно наследство што треба да биде достапно за истражувачите и музеите, сметаат палеонтолозите.

Додека пак, според аукциските куќи и професионалните ископувачи на фосили, луѓето кои вложуваат години труд во пронаоѓање, ископување и зачувување на вакви откритија заслужуваат соодветна финансиска награда. Рекордот за најскапо продаден диносаурус моментално го држи Апекс, стегосаурус продаден во 2024 година за 9,1 милион евра. Почетната цена за Гас е околу 16,7 милиони евра.

– Гас е природен артефакт, а не уметничко дело наменето за продажба, изјавил Д-р Томас Кар, палеонтолог од колеџот „Картиџ“ во Висконсин и еден од водечките светски експерти за тираносауриди. Нашето знаење за овие животни сè уште не е целосно. Продажбата на вакви фосили директно му штети на напредокот на науката и на нашето разбирање за исчезнатите видови“, додал Кар, предупредувајќи дека продажбата на Гас претставува огромна загуба за науката.

Гас бил откриен во областа Бедлендс во Јужна Дакота и го добил името по Гери „Гас“ Ликинг, сточарот на чиј имот бил пронајден фосилот. Ликинг починал во 2022 година, а скелетот сега го продаваат неговата вдовица Дана и Томас Хајткамп, човекот кој го открил примерокот. Хајткамп и неговиот тим три години внимателно го ископувале диносаурусот, по што биле потребни уште три години за целосно документирање и реконструкција на скелетот.

– Гас е еден од најголемите и најцелосните скелети на Т-рекс некогаш пронајдени, изјавила Касандра Хатон, потпретседателка и глобална раководителка на одделот за наука и природна историја во Сотби. Вредноста ја одредуваат неговата целосност, квалитет, големина, зачуваност, како и огромниот труд вложен во ископувањето, додала Хатон.

Според професорот Стив Брусат, палеонтолог од универзитетот во Единбург, научниците и музеите практично немаат можност да се натпреваруваат кога цените на ваквите фосили достигнуваат десетици милиони долари.

– Кога скелет на диносаурус ќе купи некој олигарх, тој најчесто исчезнува од очите на јавноста. Нема да биде зачуван и достапен за научните истражувања, ниту ќе биде изложен за да ги инспирира децата и да ја едуцира јавноста. А тоа е огромна штета, предупредува Брусат.

Аукцијата е закажана за утре во аукциската куќа Сотби во Њујорк.

Ad
Ad