Connect with us

Забава

Германските гласовни актери го бојкотираат „Нетфликс“ поради користење нивни снимки за ВИ-учење

Гласовните глумци во Германија почнаа бојкот против „Нетфликс“ поради клаузула во новите договори што ѝ дозволува на платформата да користи нивни снимки за учење на вештачка интелигенција (ВИ), изјави портпаролот на германското „Здружение на гласовни актери“ (ВДС).

Глобалното присуство на „Нетфликс“ ја зголемува побарувачката за синхронизирана содржина, бидејќи успешните филмови достигнуваат публика далеку надвор од нивните домашни пазари. Сепак, гласовните глумци, како и другите во индустријата за забава, се сè повнимателни во врска со влијанието на ВИ врз нивниот професионален живот и можните нови проблеми со авторските права. „Нетфликс“ испрати писмо до германските актери, во коешто вели дека нивните загрижености произлегуваат од недоразбирање за тоа како компанијата има намера да ги користи снимките и ги покани на неформална дискусија. Тоа го потврди и претседателката на ВДС, Ана-Софија Лумпе.

„Нетфликс“ додава во своето писмо дека ако глумците не попуштат во нивното одбивање да ја потпишат клаузулата, содржината ќе се емитува со германски пишан превод, наместо синхронизирана. Лумпе рече дека нема прецизни бројки за обемот на бојкотот, но напорите на актерите, се чини, веќе предизвикуваат реакција.

Според ВДС, којшто има речиси 600 актери како членови, новите договори на „Нетфликс“ од почетокот на годинава предвидуваат дека снимките може да се користат за учење на ВИ-системите, без да се уточни дали на глумците ќе им се плаќа дополнителен надомест. Клаузулата предизвика реакции, при што повеќето актери одбиваат да ги прифатат условите. Здружението најми адвокатска фирма за да го разгледа договорот во однос на заштитата на податоците, авторските права и прописите на ЕУ за вештачка интелигенција.

Договорите се засноваат на договор меѓу „Нетфликс“ и германскиот Синдикат на актери БФФС од јуни минатата година, којшто бара експлицитна писмена согласност за користење на гласовни снимки за ВИ, jaви БТА. Според БФФС, бидејќи „во овој миг нема критериуми за соодветна основна награда“ и со цел „да се избегнат какви било неповолни договори“, засега го оставиле прашањето за надомест за употреба поврзана со ВИ – нерешено. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 4