Забава
Карневалот во Венеција годинава во духот на спортот и олимпизмот
Од 31 јануари до 17 февруари Венеција повторно ќе биде средиште на карневалската магија. Претходните две години темата на светски познатиот карневал беше поврзана со годишнините од раѓањето и смртта на Марко Поло и смртта на Џакомо Казанова, но годинешното издание на познатиот венециски настан ќе му оддаде почит на олимпизмот – со оглед на тоа што оваа година Италија е домаќин на Зимските олимписки игри, кои се отвораат за неколку дена, на 6 февруари – во Милано и Кортина.
Мотото на годинешниот карневал во Венеција е „Олимп – Во зората на играта“ и ќе ги преплетува историјата, уметноста и спортот и ќе ѝ оддаде должна почит на универзалната моќ на играта и спортскиот предизвик.
Темата на карневалот, кој инаку има традиција од 12 век, оваа година се однесува и на митологијата, на хармонијата на духот и телото, но и на онаа Венеција од минатите векови, каде што карневалите не биле само забава, туку и сцена на натпревари и покажување колективни способности, што духовно им претходело на обновените современи Олимписки игри, се наведува на официјалната интернет-страница на настанот.
Карневалот почнува утре напладне со 9. издание на уличниот карневалски спектакл – голема прослава на циркуската уметност, акробации, жонглирање, игри, спортски настани и паради. Уличниот карневалски спектакл се шири на клучните плоштади на Венеција, во центарот на Местре, на островите во венециската лагуна и во други градови во покраината Венето.
Премиерата на овој спектакл ќе се повтори в недела, 1 февруари. Следниот настан е на 7 и 8 февруари, па на 12, а потоа претставата ќе продолжи секој ден до 17 февруари. На спектаклот ќе учествуваат над 350 разновидни уметници и 80 трупи. А нивните настапи ќе бидат повторени речиси 1.000 пати. Така спектаклот на уличниот карневал ќе стане вистинска олимпијада на забавата – се додава во соопштението.
јануари 31, 2026

