Свет
ФТ: Руската војска користи видеоснимки изменети со вештачка интелигенција за да прикаже територијални придобивки
Руските воени единици користат видеоснимки изменети со помош на вештачка интелигенција за да прикажат лажни територијални придобивки во Украина, објави британскиот весник „Фајненшл тајмс“ (ФТ).
Според извештајот на британскиот весник, руските воени единици и блогерите кои ја поддржуваат војната шират генерирани или изменети видеоснимки за да ги преувеличат сопствените успеси на бојното поле. Меѓу нив е и снимката што ја објави руското Министерство за одбрана, на која наводно е прикажано заземањето на градот Добропиља, иако украинските сили во реалноста сè уште ги држат своите позиции на таа локација. На снимката се гледа како знамето одеднаш ја менува својата положба, што според Руслан Левиев од истражувачката група „Конфликт интелиџенс тим“ (Conflict Intelligence Team) јасно открива дека видеото е изменето.
Во анализата објавена на 10 септември, Институтот за проучување на војната (ISW) идентификуваше 35 вакви сомнителни видеоснимки објавени во периодот од јуни до август. Според Институтот, алатките за откривање укажуваат дека дел од снимките биле создадени или изменети со помош на софтвери како „Сора“ (Sora) на компанијата „ОпенАИ“ (OpenAI), „Сиданс“ (Seedance) или алатки на компанијата „Бајтденс“ (ByteDance). Оваа техника подразбира вметнување кадри на кои војници мавтаат со руско знаме во автентични снимки од одредени локации, со што геолокациското утврдување на местото на настанот повеќе не претставува доволен доказ за реално присуство на соодветните сили.
Институтот наведува дека целта на ваквата содржина е да се поткопа западната поддршка за Киев преку создавање лажен впечаток дека украинската линија на фронтот се распаѓа. Се истакнува дека најверојатно станува збор за активности на поединечни воени единици и блогери кои се обидуваат да ги прикријат сопствените неуспеси од своите претпоставени, а не за дел од централизирана воена политика. Сепак, дел од овие снимки подоцна дополнително биле промовирани од руските државни медиуми и Министерството за одбрана.
ноември 10, 2026

