Connect with us

Сцена

По откажана ретроспектива на контроверзниот Џон Галијано, „Метрополитен“ најави нова изложба

Музејот „Метрополитен“ најави нова изложба на модниот „Институт за костими“, којашто ќе се одржи пролетта 2027 година, откако беше откажана ретроспектива посветена на Џон Галијано.

Изложбата, насловена „Екстра-ОРДИНАРИ: Модата и поетиката на секојдневието“ (extraORDINARY: Fashion and the Poetics of the Everyday), ќе биде отворена паралелно со настанот „Мет гала“ (Met Gala) во 2027 година, којшто традиционално се одржува првиот понеделник во мај. Од музејот наведуваат дека изложбата што, инаку, се потпира на колекцијата на самата културно-уметничка установа, позајмени експонати и нови аквизиции – ќе истражува како дизајнерите ги преосмислуваат познатите парчиња облека, секојдневните предмети и вообичаените материјали, користејќи занаетчиско умеење, конструкција, експериментирање со материјали и концептуална досетливост. Куратор на изложбата е Ендру Болтон – главен куратор на „Институтот за костими“. 

Концептот, инаку, морал да се развие брзо откако музејот и Галијано одлучија да ја откажат претходно планираната ретроспектива, по притисокот од донатори, градски претставници и еврејската заедница, поради неговите минати антисемитски и расистички изјави. Болтон истакна дека немал подготвено резервно решение по откажувањето на првично планираната изложба.

– Искрено кажано, немав „План Б“… Немаше друга изложба што веќе беше истражена и подготвена за реализација, изјави Болтон.

Според него, новата тема произлегла од претходната работа на концептот за „уметноста на костимот“ и размислувањата за тоа како ја доживуваме облеката во секојдневниот живот – преку нејзиното носење, сеќавањата поврзани со неа и движењето.

– Секојдневната облека носи во себе извонредна количина на значење, рече Болтон.

„Мет гала“ претставува годишен настан за собирање средства за „Институтот“, а темата на изложбата го одредува кодексот на облекување за таа вечер. Кодексот на облекување и новата листа на славни личности кои ќе бидат домаќини на гала-вечерата на 3 мај в година, ќе бидат објавени дополнително.

Галијано, поранешниот креативен директор на „Кристијан Диор“, беше отпуштен откако расистичките и антисемитските изјави што ги даде во 2010 и 2011 година се проширија во јавноста – инцидент што доведе до негова осуда пред францускиот Суд за дела поврзани со антисемитизам. По откажувањето на изложбата, тој изјави: „Целосно ја преземам одговорноста за болката што ја предизвикаа моите зборови во минатото – особено за повредата што им ја нанесов на еврејската и азиската заедница, и длабоко жалам поради тоа.“

Меѓу најгласните критичари на изложбата посветена на Галијано беше Џули Менин – членка на Градскиот совет на Њујорк и ќерка на преживеан од Холокаустот. Таа претходно изјави дека откажувањето било „правилна одлука, бидејќи штетата и болката што беа предизвикани – беа едноставно неприфатливи“.

Ad
Ad