Connect with us

Регион

Анкета: ХДЗ на Пленковиќ има најголем пад на популарноста кај Хрватите во трите мандати на власт

Владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) на премиерот Андреј Пленковиќ забележа најнизок рејтинг во неговите три мандати на власт со 24,9 проценти поддршка, а најголем скок на негативната листа на политичари забележа неговиот партнер во сегашната влада, лидерот на Татковинското движење, Иван Пенава, од 2,4 на 8,4, што го донесе на третото место меѓу најнегативните политичари. 

Ова го покажа најновото истражување на CRO Demoskop, објавено од хрватскиот РТЛ. 

Меѓутоа, доколку парламентарните избори се одржат на почетокот на ноември, ХДЗ сепак би бил релативен победник, но со само 24,9 проценти поддршка, што покажува дека владејачката партија изгубила пет процентни поени поддршка во споредба со октомври минатата година.

Највлијателната опозициска партија, СДП, исто така забележа пад на рејтингот, што изнесуваше 19,5 проценти во октомври минатата година а сега беше 17,5 проценти.

Платформата „Можеме!“ останува на третото место со поддршка од 13,6 проценти, а четвртата Мост со 9,4 проценти.

Четирите водечки партии заедно изгубија 2,7 процентни поени за еден месец.

Петтото место го зазема партијата „Дрито“ на брачната двојка Распудиќ со 2,1 процент поддршка, додека Татковинското движење на Пенава е шесто со 1,7 проценти поддршка. Сите други партии се под тој процент.

Особено е значаен растот на уделот на неопределените гласачи, кој сега изнесува 18,8 проценти, во споредба со 15,6 проценти забележани во септември.

На листата на најпозитивни хрватски политичари, првото место сè уште го држи претседателот на Републиката, Зоран Милановиќ, со 20 проценти поддршка, по него е Пленковиќ, со 15,8 проценти поддршка, додека на третото место е градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, со 5,2 проценти, по минатомесечните 6,5 проценти.

На листата на најнегативни политичари, Андреј Пленковиќ повторно е убедливо во водство со 37,3, по него е Зоран Милановиќ со 9,4 проценти.

Анкетата, исто така, покажува дека незадоволството од насоката во која се движи Хрватска е сè уште исклучително високо. Дури 72,6 проценти од испитаниците веруваат дека земјата оди во погрешна насока. Иако овој удел е малку помал отколку во октомври, кога изнесуваше 75,4 проценти, само 17,4 проценти од граѓаните се оптимисти, додека преостанатите 10 проценти немаат јасно мислење.

Ad
Ad