Connect with us

Свет

„Коалицијата на подготвените“ ги започнува првите воени вежби во Полска

Околу 2.800 војници од 11 земји од денеска ќе учествуваат во првата воена вежба на „Коалицијата на подготвените“ (Coalition of the Willing), чија цел е поддршка на Украина во идниот, повоен период, соопштија министерствата за одбрана на Франција и Велика Британија, пренесе ДПА.

Вежбата е осмислена за да се тестира како може да се обезбеди траен мир откако успешно ќе се договори прекин на огнот за завршување на војната.

Полска е домаќин, додека Франција и Велика Британија ја предводат вежбата наречена „Коалиција 2026“ (Koalicja 2026), која е предвидено да трае до 22 ноември.

„Коалицијата на подготвените“ беше формирана на почетокот на 2025 година со цел да ѝ даде поддршка на Украина. Одлуката за формирање на овие мултинационални сили беше донесена во декември, на самитот за Украина одржан во Берлин.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека какво било распоредување на војници во Украина би се сметало за „де факто воена интервенција и намерно создавање дополнителни закани за безбедноста на Русија“, пренесува германската агенција.

Според Велика Британија, вежбата ќе симулира распоредување на војници и транспорт на залихи, како храна и гориво.

Германските вооружени сили (Бундесвер) ќе учествуваат во вежбата со околу 10 штабни офицери, авиони-цистерни и логистичка поддршка. Велика Британија планира да распореди околу 300 припадници на војската и неколку борбени авиони.

Франција ќе учествува со околу 1.000 војници, според податоци од армијата, како и со системи за одбрана од беспилотни летала и беспилотни летала за надзор со краток дострел.На вежбата ќе учествуваат и војници од Белгија, Естонија, Литванија, Холандија, Полска, Шпанија и Шведска. 

Околу 35 земји се дел од пошироката „Коалиција на подготвените“, потсетува ДПА. 

Ad
Ad