Connect with us

Забава

Истражување: Во Сибир, канабисот можеби се користел поради опојните својства и пред 2.800 години

Според ново истражување, луѓето можеби го користеле канабисот поради неговите опојни својства многу порано отколку што претходно се претпоставуваше, пред најмалку 2.800 години.

Археолозите кои ги предводат ископувањата на една монументална гробница во Сибир, Русија, соопштија за пронајдени докази за најраната позната употреба на канабисот за психоактивни цели. Овие наоди укажуваат на тоа дека канабисот се користел најмалку 300 години порано отколку што претходно се утврдило врз основа на наоди од соседна Кина. Употребата на опојни супстанции во древно време долго време е предмет на научен интерес. И хеленскиот историчар Херодот пишува за жителите на Азија, кои користеле канабис околу 440 година п.н.е., а археолозите неодамна открија семе од ова растение во гробници низ висорамнините во тоа подрачје.

Тим истражувачи од Германија, Русија, Шведска и Швајцарија наведуваат дека анализата на влакна пронајдени во една кралска гробница,  каде што беа откриени и семиња од канабис, фрла ново светло врз улогата на ова растение во древните општества.

– Исклучително ретко се случува на исто место да се пронајдат и зачувани растителни остатоци и човечки меки ткива што содржат активни супстанции, изјави Џино Каспари, коавтор на научниот труд и археолог од швајцарскиот Универзитет на Берн.

Според него, останува нејасно дали канабисот се земал преку вдишување чад, т.е. пушење или на друг начин. Ископувањата започнаа во 2017 година на наоѓалиштето „Тунуг 1“ – голем гробен насип најден во долината Ујук, во јужен Сибир. Таму се наоѓа една од најстарите монументални гробници, којашто нуди увид во материјалната култура на Скитите, древни номади кои мигрирале од Средна Азија кон денешна јужна Русија и Украина.

Истражувачкиот тим живеел во шатори со месеци, соочувајќи се со снежни бури, мраз, мочуришта и роеви комарци, од пролетта па сè до есента.

На местото, исто така, откриено е оружје, коњичка опрема и артефакти украсени со мотиви во тн. „животински стил“. Сепак, тимот дојде до значајно откритие кога пронајде ситните црни зрнца – за коишто се покажа дека се семиња од канабис, покрај зачувани прамени коса.

– Како археолог, ретко имате можност да спроведете токсиколошка анализа на човек мртов речиси 3.000 години,наведе Каспари.

Радиојаглеродното (Ц-14) датирање на дел од повеќе од 1.000 пронајдени семиња помогна да се утврди нивната старост. Тие не завршиле таму „случајно“, туку биле намерно ставени во гробницата, што укажува на тоа дека растението имало посебно значење за тогашната заедница.

Наодите се објавени во списанието „Сајенс“ (Science). Сепак, не сите независни експерти се убедени во толкувањето на овие наоди. Анализата на косата е „научно слаба“ и нема доволно докази за да се тврди дека се користел канабис, напиша во е-порака Фолкер Аувертер, раководител на Одделот за форензичка токсикологија при Универзитетскиот медицински центар во Фрајбург, Германија.

Што се однесува до суштината на испитувањата, трудот е далеку под она што можело да се постигне… Ова е значајно бидејќи главните тврдења изнесени во резимето на написот, дека канабисот се консумирал и се користел поради неговите психоактивни својства, се засноваат токму на податоците добиени од анализата на косата, истакна Аувертер.

Денес, научниците не ги сметаат древните записи за веродостојни, освен ако не се поткрепени со дополнителни докази. Бидејќи растението канабис има и други намени (од семињата, на пр., се цеди масло, а влакната од конопот се користат за изработка на текстил), самото негово присуство не е доволен доказ дека тоа се користело како опојно средство.

Аувертер, кој не учествувал во истражувањето, оцени дека ова истражување не прави разлика меѓу консумирање и надворешна изложеност, со други зборови, траги од канабис можеле да завршат во косата едноставно затоа што покојникот бил погребан заедно со растението. Според него, би било препорачливо, а и лесно изводливо, да се спроведат лабораториски испитувања во соработка со стручњак за форензичка токсикологија.

Од друга страна, Елиса Гера Досе од Универзитетот во Ваљадолид, која ја проучува употребата на супстанции што ги менуваат состојбите на свеста во европската праисторија, истакна дека токсиколошката анализа на косата и претходно се користела за утврдување на конзумирањето психоактивни супстанции. Ниту таа не учествуваше во истражувањето.

Во електронска порака, таа ги пофали авторите за тоа што, преку својата методологија, покажале дека „канабисот не бил само дел од погребните ритуали туку  бил конзумиран. 

Ad
Ad