Connect with us

Култура

Откриен доцноантички полихромен мозаик на локалитетот Пеленица кај Драчево

Националниот археолошки музеј ги привршува археолошките истражувања на локалитетот Пеленица во близина на Драчево, кои почнаа на 28 октомври 2026, со цел да се проверат податоците од пред околу 90 години за постоење мозаичен под во кружна просторија. Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, и пратеничката и етномузиколог Велика Стојкова-Серафимовска, денеска извршија увид во археолошките ископувања на локалитетот. 

-Она што пред неколку месеци започна како иницијатива за создавање културно-историско-археолошка карта на најстарата скопска општина, веќе ги дава првите конкретни резултати на терен. Истражувањата се реализираат со целосна финансиска поддршка од Општина Кисела Вода и поддршка од црквата „Св. Спас“ во Драчево и во соработка со Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, соопшти Археолошкиот музеј.

Досегашните археолошки истражувања, наведува музејот во соопштение, ги потврдиле информациите од пред речиси девет децении и резултирале со откривање полихромен мозаик изработен во техниката opus tessellatum, како и керамички материјал и монета кои потекнуваат од доцноантичкиот период.

-Во оваа фаза мозаикот е откриен само по периферниот дел од истражуваната површина, а конечните резултати ќе овозможат попрецизни сознанија за неговиот обем, зачуваноста и архитектонскиот контекст. Наодите претставуваат значајна основа за понатамошно проучување на локалитетот и неговото место во доцноантичкиот археолошки пејзаж на Скопската Котлина, информира музејот. 

Градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска изјави дека е особено радосна што е потврдена локацијата на мозаикот, за кој постоеле само записи стари речиси 90 години.

-Ова докажува колку голем и неистражен историски потенцијал лежи на нашата територија. Сите овие податоци и пронајдоци ќе бидат основата за нашата културно-историска мапа на Кисела Вода, ќе бидат дигитализирани и достапни за граѓаните, што е клучниот чекор за развој на културниот туризам и позиционирање на Кисела Вода како значајна културна точка, истакна Стаменкоска-Трајкоска и им се заблагодари на иницијаторите за истражувањето, на црквата „Св. Спас“ и на сите стручни лица кои деновиве работат на терен.

Директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, изјави дека Општина Кисела Вода е еден од ретките примери на локална самоуправа која целосно финансира археолошки истражувања.

-Ова не е само финансиска поддршка на еден проект, туку конкретна инвестиција во познавањето, заштитата и идното вреднување на сопственото културно наследство. Сметам дека ваквиот пристап треба да биде пример и за другите градоначалници. Културното наследство не е исклучиво обврска на државните институции. Тоа е ресурс што може да придонесе за локалниот развој, културниот туризам, образованието и препознатливоста на општините. Но, за да се искористи тој потенцијал, најнапред мора да се истражи, научно да се документира и соодветно да се заштити. Националниот археолошки музеј, како матична институција за археологијата, располага со стручни и научни капацитети за реализација на вакви проекти на целата територија на државата, рече Манаскова. 

По завршувањето на археолошките ископувања, планирано е спроведување геофизички истражувања во дворот на манастирскиот комплекс, со цел да се утврди евентуалното постоење други, досега неистражени архитектонски остатоци. Од наредната година се планира започнување конзерваторски зафати од Конзерваторскиот центар – Скопје, со цел соодветна заштита и зачувување на откриените остатоци.

Раководител на археолошките истражувања е м-р Радомир Ивановиќ, виш кустос во Националниот археолошки музеј. Во стручниот тим учествуваат Мартин Гиевски, Филип Аџиевски, м-р Трајан Зафировски и Бојко Стојановски од Националниот археолошки музеј, Никола Веселинов од Конзерваторскиот центар – Скопје и д-р Христијан Талевски од Институтот за старословенска култура – Прилеп. 

Ad
Ad