Свет
Средбата на министрите за надворешни работи на Г-7 преместена од Марсеј во Париз
Средбата на министрите за надворешни работи на земјите од Групата седум (Г-7), планирана за понеделник и вторник, ќе се одржи во Париз наместо во Марсеј, како што првично беше предвидено, со цел да се олесни учеството на францускиот министер за надворешни работи на Парискиот мировен форум.
Според информации од неколку делегации, синоќа била испратена порака дека средбата на Г-7 ќе се одржи во зградата на француското министерство за надворешни работи на Кеј д’Орсеј, наместо во палатата „Фаро“ во Марсеј.
Француското министерство за надворешни работи официјално не ги коментираше причините за промената на програмата, иако организирањето ваква средба е особено сложено од логистички и безбедносен аспект. Уште во саботата министерството во соопштение наведе дека на 9 и 10 ноември Жан-Ноел Баро ќе претседава со средбата на министрите за надворешни работи на Г-7 во палатата „Фаро“.
„Оваа втора официјална средба, организирана во рамките на француското претседателство со Г-7, ќе им овозможи на министрите да ги координираат ставовите за главните актуелни прашања од надворешната политика, особено за решавањето на меѓународните кризи“, соопшти тогаш Министерството.
Според истото соопштение, на средбата требало да учествуваат министрите од Г-7 и претставници на шест партнерски земји – Саудиска Арабија, Египет, Јужна Кореја, Кенија, Бразил и Украина.
Француското претседателство со Г-7, во која членуваат Германија, Велика Британија, Канада, Италија, Јапонија, САД и Франција, завршува на крајот на годинава, по што претседателствувањето ќе го преземат САД.
Парискиот мировен форум ќе се одржи на 10 и 11 ноември во палатата „Шајо“ во Париз.
Според информациите испратени до учесниците, преместувањето е образложено со „логистички и оперативни причини“. Во документот се наведува дека организацијата на средбата на Г-7 и на Парискиот мировен форум на речиси ист датум бара значително ангажирање на персонал, опрема, безбедносни служби, сместувачки капацитети и транспорт за делегациите. Според дипломатски извори, делегациите биле известени во средата вечерта. И средбата на Г-7 и Парискиот мировен форум биле закажани за овие датуми уште пред неколку месеци, без до почетокот на неделава да има навестувања за промена.
Француските безбедносни сили се под силен притисок од септември поради континуираното студентско протестно движење, кое постепено прерасна во пошироки демонстрации. Протестите на 17 октомври во неколку француски градови, меѓу кои и Марсеј, завршија со масовни немири, грабежи и судири меѓу демонстрантите и полицијата. Токму Марсеј беше меѓу местата каде што беше регистрирано најголемо насилство.
ноември 5, 2026


