Connect with us

Свет

Јужна Кореја е четврта земја во светот чиј извоз надмина билион долари

Извозот на Јужна Кореја оваа година за првпат надмина билион долари, пред се благодарение на глобалната побарувачка за чипови за вештачка интелигенција. Со тоа Јужна Кореја стана четвртата земја во светот по Германија, САД и Кина, чиј извоз го достигнал тоа ниво.

Според податоците на Министерството за трговија, границата од еден билион долари била надмината изутринава во 5:09 часот по Гринич, што претставува значителен раст во споредба со 709 милијарди долари минатата година.

Во четвртата најголема азиска економија се наоѓаат седиштата на водечките светски производители на чипови – компаниите „Самсунг електроникс“ и „Ес-Кеј Хајникс“. Глобалниот бран инвестиции во вештачка интелигенција директно ги поттикнува јужнокорејскиот извоз и инвестициите.

Сепак, силниот раст на извозот сè уште не се одразил врз домашната економија. Побарувачката и натаму е слаба, а многу домаќинства не почувствувале подобрување на животниот стандард. Врз расположението на потрошувачите негативно влијаат високите каматни стапки и цените, како и досега невидената нестабилност на домашниот пазар на акции.

„Сега овој успех мораме да го претвориме во одржлив раст. Ќе ја зајакнеме конкурентноста на клучните индустрии и ќе развиваме нови двигатели на растот, како што се вештачката интелигенција и биотехнологијата“, објави претседателот Ли Џе Мјунг на социјалната мрежа Икс.

„Овој извозен успех пред сè мора да го подобри животот на граѓаните. Ќе создадеме раст за сите и ќе ги споделиме можностите и придобивките од растот со големите и малите компании, како и со главниот град и регионите“, додаде Ли.

Неговата администрација планира да формира „Фонд за одговор на иднината“ во вредност од 162,3 билиони вони (121,94 милијарди долари). Во фондот ќе се пренасочува вишокот даночни приходи остварени во индустријата за чипови, а средствата ќе бидат наменети за брзорастечките индустрии, младите, регионалниот развој и образованието.

Министерот за финансии минатиот месец изјави дека очекува економскиот раст на Јужна Кореја оваа година да забрза на околу 3,5 проценти, благодарение на рекордниот извоз на чипови. Минатата година растот изнесуваше еден процент.

Ad
Ad