Свет
Трамп и Шји ја завршија билатералната средба по само 13 минути, Тајван останува точка на несогласување
Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг ја завршија билатералната средба во Кина по само 13 минути, објавија американски медиуми. И покрај краткото времетраење на разговорите, во фокусот биле економските и безбедносните односи меѓу двете светски сили, како и спорното прашање за Тајван, пренесе „Ројтерс“.
Пред средбата, Трамп изрази оптимизам дека разговорите ќе бидат продуктивни, потсетувајќи дека претходната вечер, за време на свечената вечера, седел покрај кинескиот лидер и разговарале речиси два часа.
– Синоќешниот настан беше неверојатен, навистина посебен. Разговаравме за многу теми што планиравме да ги отвориме и на билатералната средба – изјави Трамп.
Тој го истакна и добриот личен однос со Си, оценувајќи дека досегашната комуникација меѓу нив помогнала брзо да се надминат несогласувањата.
– Претседателот Си и јас изградивме извонреден личен однос. Тој однос им служеше многу добро на граѓаните на двете наши земји. Продолжуваме да го градиме тоа пријателство и стануваме сè поблиски – рече американскиот претседател.
Трамп додаде дека очекува двете земји да имаат „фантастична заедничка иднина“, посочувајќи дека досегашните проблеми успевале да ги решаваат преку директна комуникација.
Од своја страна, Си порача дека односите меѓу Вашингтон и Пекинг се меѓу најзначајните билатерални односи во светот и дека треба да се развиваат преку соработка, наместо конфронтација.
– Двете земји имаат корист од соработката, а губат од конфронтацијата. Треба да бидеме партнери, а не ривали – порача кинескиот претседател, повикувајќи на конструктивни, стратешки и стабилни односи.
Трамп истакна дека Вашингтон и Пекинг имаат заеднички интерес за непречен проток на енергенси низ Ормуската Теснина, како и за спречување на Иран да развие нуклеарно оружје.
Американскиот претседател изрази и уверување дека најавената трилатерална средба со Си и рускиот претседател Владимир Путин ќе донесе конкретни резултати.
Тајван – најчувствителното прашање меѓу Вашингтон и Пекинг
И покрај позитивните пораки и нагласувањето на личните односи меѓу двајцата лидери, суштинските разлики меѓу САД и Кина остануваат, особено околу Тајван.
Според анализите на американските медиуми, Трамп сакал разговорите првенствено да се фокусираат на трговијата и технологијата, додека Пекинг јасно ставил до знаење дека Тајван е едно од неговите највисоки стратешки приоритети.
Кинеските државни медиуми објавија дека Си го предупредил Трамп оти стабилноста на билатералните односи во голема мера зависи од правилното управување со прашањето за Тајван. Според пораката на кинескиот лидер, погрешното постапување по ова прашање би можело да доведе до судир, па дури и конфликт меѓу двете земји.
Со оглед на тоа што САД се најголемиот поединечен снабдувач на Тајван со оружје, се очекуваше Пекинг да побара од Вашингтон да ја одложи или намали идната продажба на американско вооружување на островот.
Во Тајпеј внимателно ги следеле разговорите. Тајванските претставници соопштиле дека биле во комуникација со американската администрација пред средбата и дека добиле уверувања оти поддршката на САД за Тајван останува непроменета.
Неизвесност околу економските договори
Засега, освен најавите поврзани со купувањето американско говедско месо, нема конкретни детали за евентуални договори по другите економски прашања што Трамп сакал да ги отвори.
Меѓу нив се и можноста Кина да купува повеќе американска соја, како и набавката на авиони од американскиот производител „Боинг“.
Така, и покрај оптимистичката реторика на двајцата претседатели, останува отворено прашањето дали кратката билатерална средба ќе донесе конкретен напредок во трговските и безбедносните односи меѓу Вашингтон и Пекинг.
ноември 19, 2026


