Свет
Трамп најави договори на САД во Југоисточна Азија вредни над 17 милијарди долари
Американскиот претседател Доналд Трамп најави комерцијални договори и стратешки инвестиции во Југоисточна Азија во вкупна вредност од над 17 милијарди долари, во кои се вклучени американски компании. Белата куќа ја објави најавата по неговата дводневна работна посета на Филипините по повод самитот на АСЕАН.
Најголемиот поединечен договор е вреден 12 милијарди долари и се однесува на продажба на 20 авиони „Боинг 787“ на филипинската авиокомпанија „Филипин ерлајнс“. Во договорот се вклучени американските компании „Боинг“ и GE Aerospace.
САД и Филипините ќе ги продолжат разговорите за пакет американски заеми во вредност од над две милијарди долари, со кои Филипините би финансирале набавка на воена опрема од американски производители. Одделно, Вашингтон најави 400 милиони долари воено финансирање за зајакнување на капацитетите на филипинските вооружени сили во Јужното Кинеско Море.
Според соопштението на Белата куќа, Тајланд планира да потроши до 123 милиони долари за набавка на американски ракетни системи HIMARS. Доколку се реализира, тоа би можела да биде првата ваква набавка во Југоисточна Азија.
Во Индонезија, американската компанија Latitude Energy и индонезискиот државен инвестициски фонд Danantara преговараат за проект за експлоатација на јаглен вреден две милијарди долари.
Американската администрација најави и дека, со поддршка од американски компании, ќе помогне во развојот на вештачката интелигенција во Малезија и Брунеи.
Во Малезија, американската енергетска и рударска компанија Navajo Transitional Energy Company (NTEC) потпиша тригодишен договор вреден над 100 милиони долари за испорака на јаглен од својот рудник во американската сојузна држава Монтана, се наведува во соопштението.
ноември 19, 2026


