Вести
Војна за тронот: Груби и Османи се гледаат преку нишан што ја зголемува можноста за длабок раскол во ДУИ
Клановска битка која сè повеќе излегува на површина. Поделбите во ДУИ, кои испливаа преку јавните настапи на аналитичари кои отворено пропагираат и поддржуваат, само отсликуваат на кое ниво спадна партијата на Ахмети, анализира Телевизија Алфа. Двете клучни фигури околу кои се води внатрешната битка се Артан Груби и Бујар Османи. Двајца високи функционери со голем политички багаж, но и многу контроверзии и сомнежи за криминал и корупција. Ваквиот развој, според упатените, не е изненадување, со оглед на јавните амбиции не само на овие двајца, туку и на други внатрешни структури кои не кријат дека ја посакуваат лидерската функција. Во битката препознаваат различни мотиви, но клучно е кој ќе доминира и ќе ја контролира структурата на партијата, која и натаму е во рацете на Ахмети. Дел од познавачите, сепак, се сомневаат дека истурените актери имаат капацитет да успеат.
„Ниту едниот ниту другиот немаат таков капацитет. ДУИ како политичка партија, откако е во опозиција, има внатрешни големи проблеми помеѓу клановите што владеат во таа политичка партија… Ахмети долг период ја држеше партијата под контрола, веќе 25-26 години. Имајќи предвид дека тој ја изгуби и централната и локалната власт, сега е многу потешко да ги контролира тие луѓе, затоа што тие таму функционираат како акционерско друштво“, изјави аналитичарот Љуљзим Фаризи.
Во ваков амбиент, дилемата е дали оваа битка е за тронот или, пак, за чистење од криминалните петна кои очигледно стануваат товар за интегративците. Ако битката сепак ескалира, според Фаризи, многу е извесно дека интегративците и ќе се распаднат.
„Ако се случи раскол во таа политичка партија, ќе излезат многу политички партии, односно ќе се обидат да ја расцепуваат и да се врзат со други политички партии, затоа што сами ниту едните ниту другите немаат капацитет“, изјави, аналитичарот Љуљзим Фаризи.
Дополнителен проблем за интегративците е што партијата е длабоко во опозиција, што остава мал простор за влијание внатре во партијата, но уште поважно, и надвор, кај гласачите, но и во политичките процеси. Според Фаризи, очигледно е дека картите за клучните позиции веќе се размешани, но проблемот е што функциите се малубројни и недоволно атрактивни. Во трката за смена на Ахмети, блага предност веројатно би имал Османи, но само поради проблемите на Груби и неговиот нарушен политички имиџ. Постапките што се водат против него, најпрво во Јавното обвинителство, а сега и во судството, сериозно влијаат врз неговиот кредибилитет, особено кај албанската јавност.
ноември 19, 2026


