Регион
Кос: Албанија треба да го задржи реформското темпо за да ги заврши преговорите со ЕУ до 2027 година
Албанија постигна напредок во спроведувањето на клучните реформи неопходни за членство во Европската Унија, но мора да го задржи досегашното темпо за да ја оствари целта за завршување на пристапните преговори до крајот на 2027 година. Ова го изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос на седницата на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент во Брисел, каде што го претстави Пакетот за проширување на ЕУ за 2026 година, објави албанската агенција АТА.
– Напредокот на Албанија во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ е знак за нејзината посветеност на пристапувањето. Постигнат е напредок во спроведувањето на клучните реформи, истакна Кос.
Таа посочи дека годинава земјата ги исполнила привремените критериуми во областа на основните принципи, по што привремено затворила четири преговарачки поглавја и работи на исполнување на критериумите за затворање на уште неколку поглавја.
Кос нагласи дека за остварување на амбициозната, но достижна цел за завршување на преговорите до крајот на 2027 година, неопходно е Албанија да продолжи со напорите во клучните области. Меѓу приоритетите таа ги издвои владеењето на правото, независноста на судството, слободата на медиумите и заштитата на основните права, како и напредокот во областа на животната средина.
Овие реформи се важни не само за членството во ЕУ, туку и за албанското општество и секојдневниот живот на граѓаните, изјави еврокомесарката. Таа додаде дека целосното учество на целото општество е од суштинско значење за обезбедување стабилен законодавен процес.
Европската комисија вчера го усвои годишниот Пакет за проширување, во кој го оцени напредокот на земјите кандидатки во изминатата година и ги утврди приоритетите за реформите во наредниот период, потсетува АТА.
Според оценката на Комисијата, Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина постигнале напредок во пристапните преговори, отворајќи преговарачки кластери и привремено затворајќи поглавја со невидено темпо.
ноември 5, 2026


