Свет
Тајани: Мелони не е дел од движењето МАГА и многупати му кажала „не“ на Трамп
Италијанската премиерка Џорџа Мелони не е дел од движењето МАГА на американскиот претседател Доналд Трамп и во минатото покажа дека може отворено да му се спротивстави – изјави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.
Тој ја даде изјавата во контекст на резултатите од американските меѓуизбори, на кои Републиканската партија на Трамп ја загуби контролата врз двата дома на Конгресот.
– Никогаш не сум бил „трампист“, а Мелони сигурно не е поддржувач на МАГА. Господ да нè чува од тоа – изјави Тајани за италијанскиот весник „Месаџеро“.
Тајани нагласи дека тој и Мелони се конзервативци, а самиот тој е следбеник на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.
– Одржувањето односи со републиканците не значи дека некој е „трампист“. Никогаш не сум бил дел од МАГА и никогаш нема да бидам. Никогаш. Мелони не е дел од МАГА. Таа е италијански и европски конзервативен лидер. Таа ја претставува десницата, но не и крајната десница – нагласи италијанскиот министер за надворешни работи.
Тој посочи дека Мелони во повеќе наврати му рекла „не“ на Трамп.
– А судејќи според неговата реакција, мислам дека тоа не го прифати особено добро – додаде Тајани.
Мелони и Трамп одржуваа многу пријателски односи сè додека не влегоа во спор околу војната со Иран.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони сè уште не ги коментираше резултатите од меѓуизборите во САД.
ноември 5, 2026


