Вести
Тошковски: Од 12 октомври „Безбеден град“ ќе се применува во Охрид, Дебар, Кичево и Струга
Од 12 октомври паметниот систем „Безбеден град“ ќе почне да се применува и на територијата на СВР Охрид, односно во Охрид, Дебар, Кичево и Струга – најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски при посетата на СВР Охрид и Регионалниот центар Запад.
Тој информира дека подготовките се во завршна фаза, а во следните две недели треба да се завршат преостанатите активности поврзани со командниот центар и имплементацијата на системот.
– Се наоѓаме во завршна фаза и начелно се договоривме со началниците дека би биле подготвени да почнеме со практична примена на „Безбеден град“ и на територијата на СВР Охрид, заклучно со 12 октомври. Сакам да ги известиме македонските граѓани, особено жителите на општините Дебар, Кичево, Струга и Охрид, дека на територијата на СВР Охрид почнуваме со примена на „Безбеден град“ заклучно со 12 октомври – рече Тошковски.
Тој посочи дека „Безбеден град“ во државата е во функција од 1 февруари годинава по што следувал период на адаптација од два и пол месеци, во кој граѓаните биле известувани и контролирани за сообраќајните прекршоци, а системот бил тестиран и унапредуван.
Министерот во оваа пригода потсети дека во споредба со истиот период минатата година бројот на повредени во сообраќајни несреќи годинава е намален за 20 отсто, со 34 жртви помалку.
– Тоа се 34 семејства во државата… Мислам дека е нешто фрапантно што сме го постигнале сите како граѓани на Македонија – рече Тошковски упатувајќи благодарност до граѓаните, кои со однесувањето, односно почитувањето на сообраќајните правила, придонесуваат за спасување човечки животи.
Министерот информира и дека е договорено со Европската Унија припадници на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража „Фронтекс“, покрај на јужната, да бидат присутни и на западната граница.
– Очекуваме во овој дел да почнеме со заеднички активности до крајот на оваа година, со што ќе можеме да кажеме дека имаме подобра контрола на целокупната граница, особено на границата со нашиот западен сосед, Република Албанија – рече Тошковски.
Што се однесува до условите за работа во СВР Охрид, Тошковски посочи дека е планирано службите да бидат префрлени во нов објект во поранешната касарна во Охрид, каде што подоцна ќе биде дислоциран и командниот центар на системот „Безбеден град“, кој дотогаш ќе функционира во објектот на Регионалниот центар Запад.
Според Тошковски, опремата и ресурсите поврзани со „Безбеден град“ во иднина ќе бидат дислоцирани во новиот објект, а реновираните простории во Регионалниот центар Запад ќе продолжат да се користат за други потреби во тековното работење на полицијата.
Главната зграда на СВР Охрид е дотраен објект предвиден за уривање, а на нејзино место, според плановите на локалната самоуправа, е предвидена изградба на подземна гаража за возила и уреден плоштад со соодветно хортикултурно уредување над подземната инфраструктура.
септември 25, 2026
