Connect with us

Вести

Дурмиши од Баку: Во време на глобална неизвесност државите треба да продолжат со вложувања во инфраструктурата, енергетиката, дигитализацијата

Во услови на глобална економска и геополитичка неизвесност, Северна Македонија го темели економскиот раст на инвестиции, структурни реформи, енергетска сигурност и продлабочување на регионалната и европската интеграција, порача министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на Вториот Азербејџански меѓународен инвестициски форум (AIIF 2026) во Баку.

Како што соопштуваат од Министерството за економија и труд, министерот Дурмиши учествувал на панел-дискусијата „Градење доверба во фрагментиран свет: Азербејџан како стратешки мост меѓу регионите“, каде пред меѓународни инвеститори ги презентирал економските потенцијали и инвестициските можности на земјава.

Министерот истакнал дека во време на глобална неизвесност државите не треба да се повлекуваат од инвестициските циклуси, туку да продолжат со вложувања во инфраструктурата, енергетиката, дигитализацијата, човечкиот капитал и производствените капацитети.

Осврнувајќи се на конкурентските предности на Северна Македонија, Дурмиши посочил дека стратешката географска положба на Коридорите 8 и 10, индустриските зони, развиениот автомобилски сектор и пристапот до пазар од повеќе од 650 милиони потрошувачи преку трговските договори ја прават земјата атрактивна инвестициска дестинација.

– Не гледајте на Северна Македонија само како на мал домашен пазар. Гледајте на неа како на производствена, извозна и регионална платформа – истакнал министерот.

Тој нагласил дека меѓу приоритетите на Владата е привлекување инвестиции со повисока додадена вредност, кои ќе донесат нови технологии и знаење, ќе отворат подобро платени работни места и ќе придонесат за посилно поврзување на домашните компании со глобалните синџири на вредност.

Говорејќи за актуелните економски показатели, Дурмиши посочил дека македонската економија во вториот квартал од годинава забележала раст од 4,3 проценти, што, според него, претставува дополнителна потврда за отпорноста и потенцијалот на економијата