Вести
Милошоски: Измени на Кривичниот законик за намалување на ризиците поврзани со членството во СЕПА
На дневниот ред на 129. собраниска седница се измени и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка, со коишто ќе се намалат ризиците поврзани со членството на нашата земја во СЕПА.
Во предложениот законски текст се посочува дека целта е да се отстранат слабостите во постојните одредби и постапување согласно Извештајот од спроведената евалуација на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам усвоен од страна на Moneyval Комитетот во 2023, заради усогласување со Препораките на ФАТФ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски образложувајќи ги измените рече дека ова е само мала интервенција во Кривичниот законик, додека новиот закон на којшто се работи денеска ќе биде испратен на мислење до Европската комисија.
– Измените се однесуваат само на една цел, а тоа е да се намалат ризиците поврзани со членството на Македонија во СЕПА, во единствената европска платежна зона, што веќе е остварено пред една година и е многу корисно за македонските стопанственици и за граѓаните бидејќи обезбедува брзо и поекономично тргување со сите земји – членки на ЕУ и со земјите – членки на Европската економска област. Инаку, препораката за овие измени е дадена уште во мај 2023 година од еспертската група Moneyval за спречување перење пари и финансирање тероризам при Советот на Европа – рече Милошоски.
Како што кажа, со овие измени ќе се зајакнат членовите кои што се однесуваат на конфискација на имот и на финансирање тероризам како и членовите кои имаат надлежност за делото перење пари.
Милошоски побара поддршка од сите пратеници за носење на измените.
ноември 10, 2026


