Свет
Италија по речиси четири децении се враќа на нуклеарната енергија
Италијанскиот Сенат денеска го усвои законот со кој се овозможува враќање на нуклеарната енергија во земјата, речиси четири децении откако катастрофата во Чернобил ја поттикна Италија да ја прекине својата нуклеарна програма.
Законот во горниот дом на парламентот беше изгласан со 81 глас „за“, 51 „против“ и седум воздржани, откако претходно помина и во Претставничкиот дом.
За владата на премиерката Џорџа Мелони, ова е клучен чекор кон зајакнување на енергетската безбедност и исполнување на климатските цели. Со актот се воспоставува регулаторна рамка за нуклеарните технологии од новата генерација, а владата добива овластување во следните 12 месеци да донесе подзаконски акти кои ќе ги уредат лиценцирањето на реакторите, безбедносните стандарди, управувањето со отпадот и критериумите за избор на идните локации.
Наместо обновување на старите големи постројки, Италија се насочува кон мали модуларни реактори (СМР) и други напредни технологии за кои поддржувачите тврдат дека се побезбедни, пофлексибилни и побрзи за изградба.
Враќањето кон нуклеарната енергија доаѓа откако италијанските граѓани двапати ја отфрлија оваа технологија на референдуми — првпат по катастрофата во Чернобил во 1987 година и вторпат по несреќата во Фукушима во 2011 година. Сепак, владата посочува дека растечката побарувачка за електрична енергија, декарбонизацијата и нарушената енергетска безбедност по руската инвазија на Украина налагаат промена на стратегијата.
Италија, која пред 1987 година имаше четири активни реактори, во изминатите децении беше меѓу најголемите европски увозници на електрична енергија произведена во нуклеарните централи на соседните земји. Според истражувањето на агенцијата „Онли Намберс“ од јуни 2026 година, околу 55 отсто од Италијанците денес поддржуваат нуклеарни централи од новата генерација, а поддршката е најголема кај помладите генерации.
И покрај регулаторниот чекор, изградбата на првите реактори е оддалечена неколку години. Сè уште постојат сериозни предизвици, меѓу кои и недостигот на трајно национално складиште за радиоактивен отпад, можниот отпор од локалните заедници, како и високите трошоци — проценките покажуваат дека еден СМР со моќност од 300 мегавати чини меѓу три и шест милијарди евра.
септември 24, 2026
