Connect with us

Свет

Италијанската полиција пронајде над 3,2 милиони евра скриени во ѕидови при операција против организиран криминал

Италијанската полиција заплени 3,2 милиони евра (над 3,6 милиони долари) во готовина скриени во ѕидовите на куќа за време на операција насочена против криминална организација поврзана со мафијата во близина на Неапол.

Парите, главно во банкноти од 50 евра завиткани во пластична фолија, биле пронајдени откако полицајците ги срушиле ѕидовите на објект во местото Каивано. При претресот биле пронајдени и 11 луксузни часовници, чија вредност се проценува на над 127.000 евра.

Операцијата била насочена против 34 осомничени лица, од кои за 23 е одреден ефективен притвор, додека 11 лица се ставени во домашен притвор. Истражителите веруваат дека организацијата била поврзана со кланот Анџелино, кој дејствува во Каивано и Казорија, а била вмешана во трговија со дрога и изнуда.

Според италијанските медиуми, соработниците на правдата (покајниците) одиграле клучна улога во истрагата, во чии рамки припадниците на карабинерите ги пронашле парите во домот на лице за кое се верува дека е еден од водачите на групата.

Истрагата, која ги опфаќа активностите на групата од 2021 година до јули 2025 година, открила добро организирана мрежа за продажба на дрога, со редовни испораки и утврдени распореди за плаќање. Истражителите соопштија дека трговијата со дрога главно била организирана во рамките на семејствата со цел да се спречи инфилтрирање на лица однадвор.