Connect with us

Свет

Замрзнати средства и деветмина во притвор во Турција поради финансиски скандал што засега 450.000 граѓани

Во рамки на опсежната истрага за шема со инвестициски фондови во Турција, одреден е притвор за претседателот на Управниот одбор на турскиот холдинг „Тера јатирим“, Емре Тезмен, и за уште четири лица. Скандалот опфаќа 131 фонд со средства во вредност од над 18 милијарди долари, во кои пари вложиле повеќе од 450.000 инвеститори.

Тезмен, кој првично беше приведен на 19 септември, денеска е ставен во притвор заедно со уште тројца раководни членови на истиот холдинг, како и со претседателот на Управниот одбор на холдингот „Пусула финанс“, Сердар Турхан. Со ова, бројот на притворени лица во рамки на истрагата се искачи на девет, додека на 51 лице им е изречена забрана за напуштање на земјата.

Финансиската криза избувна откако дел од фондовите, меѓу кои и оние раководени од „Тера“ и „Пусула“, се соочија со тешкотии при исплатите кон инвеститорите кои сакаа да ги повлечат своите заштеди. Фондовите инвестирале значителни средства во неликвидни акции што не можат брзо да се продадат без да предизвикаат драстичен пад на цените и намалување на средствата за исплата. Одделот за управување со портфолија на „Тера јатирим“ на 16 септември соопшти дека не успеал да изврши дел од исплатите поради масовно повлекување средства, а доцнење на исплатите потврдија и од „Пусула“.

Турската Комисија за пазари на капитал (СПК) денеска објави дека во 131 фонд, за кои е наложена ликвидација, има вкупно 455.758 индивидуални инвеститори. Со процесот на ликвидација ќе раководат државните банки „Зираат“ (Ziraat Bankası) и „Иш“ (İş Bankası). Регулаторот претходно го продолжи рокот за продажба на средствата од три на шест месеци со цел да овозможи поповолни услови на пазарот, иако засега е неизвесно колкав дел од вложувањата ќе успеат да вратат инвеститорите.

Во меѓувреме, турските власти замрзнаа имот и средства на раководители на повеќе финансиски друштва, како и на нивните сопружници и блиски роднини, додека Обвинителството побара податоци за парични трансфери и трансакции со криптовалути во странство од 2024 година наваму.

Турскиот министер за правда Акин Ѓурлек изјави дека властите ги истражуваат сите наводи поврзани со методи што наликуваат на т.н. „Понци шема“, порачувајќи дека сите кои го злоупотребиле трудот и заштедите на граѓаните ќе одговараат пред законот. Од друга страна, министерот за финансии и трезор Мехмет Шимшек, и покрај тоа што ја процени вредноста на засегнатите фондови на 18,3 милијарди долари, истакна дека не очекува кризата да ги загрози или да се прелее врз пошироките финансиски пазари во земјата.